„Портретот во фокус“ – изложба на творештвото на скулпторот Илија Аџиевски

Изложбата „Портретот во фокус“ што го претставува портретното творештво на скулпторот Илија Аџиевски ќе биде отворена утре (27 октомври) во 19:00 часот во Даут пашин амам.

„Ако ја употребите максимата на Микеланџело, дека задачата на скулпторот е да ги „ослободи од заробеништво“ ликовите и телата на своите модели, тогаш Илија Аџиевски во своите портрети го постигнал токму тоа, ја ослободил продуховеноста и ја виртуелизирал невидливата природа на портретираните ликови, допирајќи во најдлабоките тајни на нивната интима, замрзнувајќи во скулптурално дело неодгатнати аспекти на нивниот карактер со своите вешти раце и со својата уметничка визија и сензибилност. Во тоа е маестралноста на Аџиевски, затоа неговите портрети се сегмент од неговото скулптурално творештво кое заслужува особено внимание и дигнитет“, пишува кураторката и виш кустос во Националната галерија, Ана Франговска.

Илија Аџиевски дипломирал во класата на професорот Фране Кршиниќ на Академијата за ликовни уметности во Загреб. По завршувањето на академијата почнал да живее и твори во Скопје како слободен уметник. Од 1956 година тој е член на ДЛУМ. Во својот работен век има создадено голем број на споменици, монументални керамички релјефи, парковски скулптури, портрети на познати личности и негови пријатели, како и статуети во помал формат. Излагал на голем број самостојни и групни изложби, а добитник е на голем број признанија и награди. Живее и твори во Скопје.