Изложба на проширено кино „Терански Фрагменти“

На 27 мај (петок) од 20 часот во културно-социјалниот простор „Центар – Јадро“ ќе се претстави еднодневна уметничка интервенција под наслов “Терански фрагменти” на Кумјана Новакова во соработка со „Лудус“.

На настанот ќе биде прикажан експерименталниот филм на филмската авторка Кумјана Новакова базиран на серијата колекции на „Лудус“ насловени како Пост-родовост, надополнети со 4-канална видео инсталација и неколку креации од последната колекција на брендот.

„Проектот е всушност просторна инсталација во форма на проширено кино и аудиовизуелно ги истражува наративите на хуманизмот и постхуманизмот. Во фокус на „Теранските фрагменти“ се постхуманото и феминистичкото и можните спекулативни иднини преку кои радикално се преиспитува хиерархијата и експлоатацијата на животот, како човечкиот, така и нечовечкиот. Во конкретниот случај, преку методологија на спекулативна фабулација „Терански фрагменти“ преставува простор во кој јазиците на видео уметноста и кинематографијата се вкрстуваат со креативниот процес на „бавната мода“, конкретно со безродовата модна етикета „Лудус“ креирајќи свет во кој нечовечкиот живот не е апстрактен и подреден. Реализиран како привремена изложба на проширено кино, овој проект создава нова интеракција осмислувајќи нови значења и разбирање на односите помеѓу филмското, уметничкото, концептуалната мода и политичкото“, најавуваат организаторите.

Авторка на проектот е Кумјана Новакова (кураторка, истражувачка и филмска авторка), а проектот е во продукција на „Лудус“. Соработници на проектот се Драган Христов, Кристијан Караџовски, Борјана Насева, Елена Диновска Зарапчиев, Филип Бојковски, Стефан Китановиќ, Сара Перчинкова, Марија Павловиќ и Харис Реџепи.