„Преобразени предмети: Еволуирачки перспективи“ – групна изложба во КСП Центар Јадро

Хуманитарната изложба  „Преобразени предмети: Еволуирачки перспективи”, која цели да ја посочи важноста за лична трансформација ќе се одржи на 13 ноември, понеделник во КСП Центар Јадро.

Водена од прашањата: дали и како личната трансформација може да влијае врз будење на колективната свест; дали уметноста и уметничките процеси на креација може да ги употреби како алатка за колективно поврзување и делување, взаемна соработка која би претставувала основа за подобрување на условите и во поширока микро-општествена рамка, авторката Јасмина Главинче потпомогната од акредитиран тренер за раст и личен развој во петмесечна, самонабљудувачка одисеја, повика седум учесници во обновувачки процес и преку споделување на свои лични предмети и костантна интеракција, ја истражуваа сопствената внатрешна емоционална динамика, ги будеа своите потенцијали и ги заменуваа старите наративи со нови, освежувачки погледи за себе, за заедницата и за светот.

Со почеток во 18 часот, изложбата претставува уметничка (ре)визија во која учествуваат Крсто Глигорјадис, Маја Џепоска, Ели Поповска, Елисавета Бејкова, Христина Тарабунов, Тања Богоевска, Борјан Исајловски и тренерот за личен раст и развој – Милена Крстева.

Изложбата има продажен, хуманитарен карактер и собраните средства или самите дела ќе бидат донирани.

„Спомен-предметите од психолошки тотеми, апстрахирани од нивното првобитно значење добиваат нов живот како уметнички дела и метаморфозираат во симболи на процесите и поимите за сопствената трансформација. Нивниот облик останува видлив, тој не исчезнува туку расте и се отелотворува во нов метафизички простор“, посочуваат организаторите.