„400 – 790 THz: The Visible Spectrum“ – Изложба на дела од Џон Џост

Американскиот, независен филмски режисер, Џон Џост, кој подолго време престојува во Скопје, во КСП Центар Јадро ќе ја претстави својата изложба на цртежи и акварели, насловена „400 – 790 THz: The Visible Spectrum“.

Претходно, месецов, Џост во Јадро ја одржа филмската работилница „Learn everything there is to know from a real MoFo“, а кратките филмови кои учесниците ги изработија со режисерот, ќе може да се погледнат за време на изложбата, која ќе се одржи на 13 октомври, петок, со почеток во 19 часот.

Режисерот за своите цртежи и акварели, изработени за време на престојот во Скопје, вели дека ги доживува како експерименти – не мисли дека тие се „уметност“, туку повеќе обид или проба, што може да доведат до правење „уметност“.

Џост открива дека од рана возраст бил заинтересиран за визуелните уметности, но немал можност да ги истражи и развие своите интереси. Сликарството највеќе го користел за кадрирање во фимовите, а како признат режисер, конечно добил можност да експериментира со сликарството. Користејќи средства од откупени филмови, решава да се експериментира со сликарството.

„Додека живеев во мала изнајмена викендичка, ја извадив мојата кутија со пастели и направив два или три крајно мизерни мали пастелни цртежи. Во тој момент од мојот живот имав видено доволно уметност и доволно ги ценев нејзините квалитети за да знам дека моите патетични чкртаници беа чиста глупост. Бев вознемирен и на некој начин згрозен од мојот мал напор, и од срам ја затворив кутијата и ја носев со мене во следните 15 години, плашејќи се да ја отворам“, раскажува Џост.

Режисерот истакнува дека откако се преселил во Рим, на 50 години, повторно ги се охрабрил да црта, велејќи си дека ќе прави само лоши цртежи, бидејќи тоа е неопходен процес низ кој треба да помине.

„Правев еден мизерен цртеж по друг додека полека не развив чувство за материјалот, обемот, природата на пастелите и конечно почнав да создавам пристојни цртежи. Бев премногу стегнат при работа со материјалот, но полека научив да се олабавувам. Потоа продолжив да работам со акварели, гваш и масла. Сè уште се чувствувам како почетник, и сè уште учам со надеж дека можеби ќе направам некои дела кои би се нарекле ‘уметност’“, вели тој.