Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа работна недела, Радио МОФ во нова рубрика ви ги претставува ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина и слично.

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение.

1. По јавните критики, Општина Тетово ги поправа вело патеките кои ги обележуваше минатата недела

По критиките во јавноста за несоодветно поставување на велосипедските патеки, Општина Тетово коригираше дел од очигледните грешки направени минатата недела, кога се пофали  дека долж градските булевари се поставува нивна хоризонтална сигнализација.

Од сликите кои ни ги испратија тетовци, се гледа дека градските служби ја отстраниле високата препрека во центарот на градот, која се најде среде велосипедската патека, а велат дека се поправаат грешките и на други мести.

2. [Видео] Јасно и Гласно: Младите во Собранието – декор или носители на промени?

Во една перманентна атмосфера на партиски препукувања и несуштински дискусии, истражувањата на јавното мислење години наназад покажуваат дека младите, прво, немаат висока доверба во Собранието како институција, и второ – не се заинтересирани да ја следат работата на нивните избраници, а уште помалку да се вклучат во работата на законодавниот дом со свои предлози и иницијативи.

Кои се причините за оваа состојба? Што е она што ги одбива младите од „домот на демократијата“ и дали тие во Собранието се само декор или се трудат да направат доволно промени за да се смени овој лош имиџ.

На овие теми дискутиравме со дел од најмладите пратеници во овој собраниски состав, Моника Зајкова, пратеничка од Либерално Демократската партија и Јован Јаулески, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

3. „Нема веќе проби, чувство на еуфорија по концерт“ – како пандемијата ја диригира тишината на хоровите

Пандемијата ги спушти диригентските стапчиња. Ги испразни културните центри и ја стиши музиката. Меѓу најпогодените од пандемијата беа културните работници, а меѓу нив – хоровите.

Диригентот Сашо Татарчевски вели дека почетокот на мерките поврзани со пандемијата биле шок. Веќе не можело да се одржуваат пробите, а пропаднало сè она што претходно се земало здраво за готово. 

4. Државата сè уште без централна кампања за вакцинација против Ковид-19 – единствената е на УНИЦЕФ

ФОТО: МОН

Иако само 190.000 граѓани искажале интерес за вакцинација, а над 43.000 веќе се вакцинираа, државата сè уште нема централна кампања за имунизација против Ковид-19, иако тоа го предвидела уште на 9 март.

Владата тогаш на седница го задолжи Генералниот секретаријат, заедно со Министерството за здравство и Секторот за односи со јавност на Владата, во рок од 15 дена да спроведе јавна набавка за избор на идејно и креативно решение и за реализација на кампањата.  Во планирањето и спроведувањето на кампањата пак, ветија дека ќе работат транспарентно и отчетно за да се обезбеди високо ниво на информираност.

5. [Видео] На час: Ретро или дигитално образование

Нова епизода од серијалот „На час“, емисии посветени на образованието и младите, на која тема се најавените реформи во учебниците, но и тоа колку образовниот систем е подготвен за дигитализација.

Гости во оваа дискусија се професорката Ана Томовска Мисоска, од Универзитет Американ Колеџ – Скопје која работи на истражувања од областа на образованието. Ги имаме и одделенскиот наставник Добри Јовевски од ОУ „Илинден“ од Крива Паланка, како и професорката Елизабета Секирарска од средното економско училиште „Перо Наков“ во Куманово. И секако, екипата би била нецелосна без учениците, па затоа го поканивме матурантот Станиша Станковиќ дел од „Сојузот на средношколци“, за да чуеме што мислат младите за новите реформи.