Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа работна недела, Радио МОФ во нова рубрика ви ги претставува ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина и слично.

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1. Организирано и со следење протоколи мина денешното полагање државна матура

Без доцнење, со почитување на протоколите денеска над 15 000 матуранти го полагаа првиот, екстерен испит по мајчин јазик, во рамки на задолжителната државна матура. Полагањето почна во 10 часот, со физичко присуство од училница, иако цела учебна година матурантите следеа настава онлајн, со исклучок на малкумина од стручните училишта.

„Матурата помина одлично запазувајќи ги сите мерки, почнавме навреме во 10 часот. Прашањата беа лесни. Маски носевме, по еден во клупа, 12 во училница“, објаснува за Радио МОФ, Елена Тимова, која денеска полагаше државна матура во Неготино.

И Станиша Станковиќ, кој полагаше во Битола, се согласува дека се минало во најдобар ред.

2. „Живееме во неизвесни времиња“ – за менталното здравје и (пост)пандемијата со професорката Софија Георгиевска

Во последната една и пол година, брановите на заразувањето од КОВИД-19 го брануваат и менталното здравје на луѓето. Психологот Софија Георгиевска, која е универзитетска професорка на скопскиот Филозофски факултет, вели дека значителeн број млади може да имаат проблеми со менталното здравје кои ќе траат и по пандемијата.

Со Георгиевска поразговаравме за тоа кои долгорочни проблеми ќе бидат последица на КОВИД-19, до кога ќе трае стравот и кога повторно ќе биде дозволен допирот во ера на хронична осаменост. Таа забележува дека многумина од нас станаа понервозни за време на пандемијата, а искуствата кај некои лица покажуваат дека пандемијата предизвика навистина сериозни проблеми со менталното здравје.

Па така, се претпоставува дека за 10 до 15 отсто од луѓето, животот можеби нема да се врати во нормала.

3. [Видео] Јасно и Гласно: Се уморија ли граѓаните од протестирање?

„Стоп за полициска бруталност“, студентските демонстрации, Шарена Револуција… Години подоцна, дали и колку се исполнија очекувањата на граѓаните кои чекореа по македонските улици и бараа промени? Со нас во оваа епизода на Јасно и Гласно се луѓе кои директно беа вклучени во граѓанските движења во тој период.
Со Ирена Стеријовска, Александар Донев и Борјан Ѓузелов разговараме за тоа дали граѓаните се разочарани од состојбите во општеството, но и за тоа дали очекуваат да се појави нешто ново што ќе ги придвижи граѓаните да излезат на улица.

Дискусијата погледнете ја на видеото во продолжение:

На истата тема изминатата недела Радио МОФ го објави и подкастот „Мегафон“- Протести, активизам и политика – 10 години од случајот со Мартин Нешкоски.

4. Катерина Димитровска промовираше „Глупости“

-Кате, какви се овие „Глупости“?

Катерина Димитровска е збунета и расклештена од прашањево. Вклучив снимач на телефон и стоиме покрај влез, до паркирани точаци, десно од кафе-филм „Котур“.

Ова е делот спроти Форум, каде своевремено висевме со рандом фаци во ноќта, свртувалиштето каде ќе дојдеш и најдеш некој да си поседиш. Да „утепаш“ време, да свртиш муабет, пиеш тролитарка, да избегаш од машинеријата што те „јаде“ кога не си тука. Да најдеш смисла. И Димитровска седеше тука.

Сега, дојдени сме пак, овој пат на промоција на нејзината книга „Глупости“. Во „Котур“ има разни луѓе што ја запознале преку уметничкиот полет, музиката на „Перија“, или животарењето низ Скопје. Сеедно. Се смеат во позадина. Убаво им е. Пандемијата попушти, па, некои не знаат што да прават со себе. Ослободени, (о)пуштени и детски возбудени. Во друштво со себе и другарите. Плус на промоција на дебитното хартиенo издание на Димитровска.

5. Колку се казнуваше за неносење маски? [Инфографик]

Откако се подобри епидемиолошката ситуација и значително се намали бројот на новозаболени и активни случаи од Ковид-19, заштитните маски на отворено од утре повеќе нема да бидат обврска за македонските граѓани. Според податоците кои ги добивме од Министерството за внатрешни работи од почетокот на ноември 2020, кога носењето маски на отворено стана законска обврска, биле евидентирани вкупно 101.636 прекршоци за непочитување на оваа мерка.

Бонус: Радио МОФ објави [Конкурс] Да бев премиер/ка, јас ќе.. и нова епизода Инста(нт) вести!

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Radio MOF (@radiomof)