[Подкаст] Мегафон: Протести, активизам и политика – 10 години од случајот со Мартин Нешкоски

„Алфашизам“, „Убијци“, „Живот не се враќа“, „Стоп за полициска бруталност“…

Ова се извиците што пред 10 години одекнуваа по скопските улици. Протестите дојдоа откако  вечерта на 5 јуни, 2011 година, партијата ВМРО-ДПМНЕ славеше победа на парламентарни избори. На скопскиот плоштад се случуваше и „Баскерфест“, чија публика сведочи за брутално убиство на 21-годишниот Мартин Нешкоски, претепан до смрт од дотогаш непознатиот припадник на полициските тигри, Игор Спасов.

Случајот што го посветуваме на овој „Мегафон“, беше своевиден зачеток на движењето #Протестирам. Остави траги за граѓанска мобилизација, донесе надеж за протестната култура, но и разочарувања со судската и политичка разврска.

Институциите го кријат случајот 

Адвокатот и активист Јанаки Митровски, кој беше активен на првите протести, се присетува дека иницијативата „Стоп за полициска бруталност“ бараше одговорност откако институците пробуваа да го скријат случајот.

Јанаки Митровски

„Мартин Нешкоски починува вечерта. Накај 1-2 часот, како симпатизер на ВМРО. Не е спорно, бил на самиот митинг. Сакал да се поздрави со Груевски, тоа обезбедувањето го перцепира погрешно и се случи тоа што се случи. Меѓутоа, во 9 часот сабајле, тоа е потврдено од судска медицина од тогашниот прв човек Дума, дека на маса министерката имала извештај дека се работи за насилна смрт. Прво се прават дека таков случај во 12 часот, значи 3 часа откако знаат и што се случило, и механизмот на повреди, од што починал, три часа подоцна они се прават мутави дека – таков случај не се случил. Па, се лиферува преку нивни блиски медиуми дека се работело за ‘предозираност’, проследено со ‘наркоман’, ‘осудуван’ и сите останати глупости“, вели Митровски.

Според него, требало да одговора барем минимум тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.

Во јавноста се крие и дали „тигарот“ Спасов бил на службена должност, и дали некој му помогнал при бруталниот акт. Тоа го потврдува и Моника Јовановска, тогаш новинарка на порталот „Нетпрес“.

Моника Јовановска

Таа беше присутна и виде што се случи на плоштадот, а потоа прва објавуваше вести, контактираше сведоци, но – наместо унапредување доби отказ.

„Јас само ја кажував вистината. И, го кажав тоа што јавноста требаше да го знае. Затоа што не можеш да останеш рамнодушен на убиство. Посебно, нели, ако си новинар. Тоа е против сите кодекси, не е ниту човечки, ниту етички, никако не е. Во тоа време, тој што беше клучен сведок, во тоа време ми беше мој дечко, мој партнер. Ние бевме заедно на плоштадот. Лично во полиција не ми дадоа да сведочам – од медиумот ‘Нетпрес’. Тоа што јас го видов, се уште стојам позади тоа, дека Игор Спасов го уби Мартин Нешкоски, меѓутоа, имаше и други двајца неуниформирани кои дојдоа и му потпомогнаа на Спасов да го одвлечкаат телото. Значи, приметија дека нешто не е во ред. И, тие луѓе се соучесници“, вели Јовановска.

„Секој ден во шест“ кај Мајка Тереза 

Ваквиот развој на настаните со брзина на светлината се ширеше низ Твитер заедницата. Демонстранти се собираа кај Спомен куќата на Мајка Тереза, одново и одново – „секој ден во шест“, со денови.

Александар Митров, тогаш активен со движењето „Ленка“, се сеќава дека се приклучил инстинктивно, бидејќи беше убиено младо момче, а второ, чувствувал потреба за борба. И против системот, и против полицијата, како експоненти на тортура.

Александар Митров

„Беа тие протести почеток на грас-рут организирање, значи на улица. Значи на улица правиме некакви институции, како ќе се организираме наредните денови, како ќе собираме пари ако ни треба за нешто. Значи, воспоставивме некоја практика, организациски алатки кои понатаму ги користеа и други иницијативи. Многу е битно дека тогаш бевме со различни погледи идеолошки на светот. Ама, главно имавме една заедничка борба, обединување за слобода, или укинување на силата на полицијата. Сите тие тогаш имавме искусено како полициска репресија, на пониско ниво, или повисоко“, се присетува Митров.

Демонстрантите артикулираа незадоволство преку разни активности и перформанси. Се „гушкаше“ Собранието, а млади луѓе легнати на земја симулираа безживотно тело. Мегафонот кај Мајка Тереза, пак, се подаваше од еден човек до друг. Се ширеа идеи, насоки, предлози каде да се направи протестен марш, како да се изврши притисок врз институциите.

Барања за реформи во МВР 

Така произлегоа и конкретни барања – од одговорност за соучесници, се’ до полициски и политички реформи.

Митров раскажува дека иницијативата „Стоп за полициска бруталност“ практикувала директна демократија. Имало луѓе од различни профили,  стручни луѓе и за правната регулатива.

„Во тој период на власт беше ВМРО-ДПМНЕ. Ние дури ги таргетиравме додека одеа накај Собрание. Но, тие немаа разбирање, не ги интересираа нашите барања. Имаа своја медиумска мешинерија со која не’ презентираа пред јавноста како продолжена рака на тогашната опозицијата. Меѓутоа, ние како Движење бевме критички расположени и кон опозицијата. Одговорноста ја баравме во сите министри наназад, во сите партии што владееле претходно. Така да, нашите барања беа јасни, изджани и затоа реални. Е, сега, дали тоа на системот и на партиите им одговараше, се покажа дека не“, вели Митров, додавајќи дека и дел од кампањата на актуелнава власт била дека ќе смени нешто во врска со граѓанската контрола и професионализација на МВР, меѓутоа – и тоа не дошло.

Адвокатот Митровски смета, пак, дека токму барањата ги расцепкало демонстрантите. Иако, од друга страна, се согласувал со дел од нив, како на пример со надворешното тело за контрола на МВР.

Според Митровски, кај нас внатрешна контрола на МВР е составена од колеги, коишто „сами ќе се проверат дали згрешиле и потоа ќе одлучат дали згрешиле“.

„Многу добро знаете како се водат тие постапки. Многу добро знаете дека апсолутно исклучително ретко одговараат полициски службеници за сторено насилство, исклучително ислучително ретко. Имаше некои барања кои беа тешко изводливи.  Не дека се лоши, на пример, ако добро се сеќавам, министерот за внатрешни работи да е на предлог на опозицијата, што ниедна политичка партија која победила на избори нема да се согласи со тоа, да бидеме реални. Колку год да е тој предлог добар, треба да гледате на подалекусежни последици, дека тоа ќе донесе до колизија. Видовте што се случи со техничката влада, практично имавме нефункцонална влада“, потенцира Митровски.

Само Игор Спасов доби 14 години затвор

И семејството на Нешкоски бараше, сепак немаше хиерархиска одговорност. Единствено Игор Спасов доби 14 години затвор. Револтот набрзо спласна, а демонстрантите ги снемуваше од улиците.

Александар Митров смета дека изгубиле снага затоа што се оттргнале од политичките агенди на партиите, без финансии и од невладини организации. Сакале да останат како што се собирале – на улица. Таму да ја практикуваат демократијата.

„Така да, тоа беше краткорочно, ние се исцрпивме без ресурси за понатамошна активност. Исто и со тоа што бевме игнорирани од власта за да влеземе во некој политички дијалог. Меѓутоа, идејата остана. Искреноста на движењето инспирираше и други движења. Јас така го гледам тоа. Меѓутоа, ги разбирам тие што се разочараа. Што имаа непосредност, очекување дека нешто може брзо да се смени, тие брзо се разочаруваат. Веројатно тие после и гласаат на избори и веруваат дека нешто ќе се смени. И, пак ќе гласаат и ќе се разочараат. Мислам, треба подолгорочно да се застапиме на некоја политичка идеја и да стоиме позади неа. И да трпиме разочарување“, смета Митров.

Нови протести, но и „бомби“ за Мартин Нешкоски

Во наредните години се случи социјалната иницијатива АМАН, како продолжеток на #Протестирам. Се случија и студентски протести, протести и за различни политички скандали, во различни сфери.

Потоа, објавените прислушувани разговори во 2015 година на опозициската СДСМ ја турнаа земјата во нова политичка криза. Една од „бомбите“ ја отвори пандорината кутија за случајот Нешкоски. Јавноста слушна разговори од функционери на ВМРО-ДПМНЕ како пробуваат да го заташкаат случајот. Пред Владата на 5 мај се собраа стотици граѓани. Дел од нив фрлаа предмети и повредија полицајци, за потоа полицијата немилосрдно да тепа демонстранти, студенти, новинари.

Според Митровски, тоа била намерно пуштена „бомба“ за да се подгреат страстите.

„Дали беше план на тогашната опозиција на тој начин да се влезе во Влада, и да се собори Владата – веројатно да. Меѓутоа, апсолутно сносат политичка и морална одговорност затоа што изманипулираа првенствено со семејството на Мартин Нешкоски. Второ, со целокупната македонска јавност, бидејќи лажеа отворено дека има ‘бомби’ коишто нешто повеќе кажуваат, а тие ‘бомби’ никој не ги слушна, бидејќи они во меѓувреме си направија политички договор и еден инцестен брак со ВМРО-ДПМНЕ, или дел од ВМРО-ДПМНЕ кој беше подготвен да им игра по ноти, односно да им гласа уставни измени, и ред други закони..“, вели Митровски.

Тој предмет, смета Митровски, заедно со предметот „Монструм“ е класичен пример за политичка манипулација.

„Знаете дека се презема тој предмет од СЈО, но испадна дека во тие ‘бомби’ нема ништо ново. Семејството на Нешкоски се пасивизираше, од која причина не бараат правда – не сакам да шпекулирам“, вели тој.

Поглед назад и поглед напред…

Игор Спасов во 2019-та побегна од затвор, на пола од својата казна, па годинава беше екстрадиран од Бугарија откако таму го приведоа по пријава за семејно насилство. На новинарката Моника Јовановска, која беше споменувана во „бомбите“ за нејзините написи во „Нетпрес“, мило е и што Спасов е повторно е во затвор.

Јовановска сега живее во Малта, не е повеќе новинарка. Разочарана е од Македонија. Се навратува дека целиот случај со Нешкоски и бил предизвик. Имала 24 години, била храбра, но и наивна дека нејзиниот труд ќе биде ценет. Смета дека добиле тие што најмногу лажат, додека нејзиниот живот висел на конец.

„Имав среќа што можеби во тоа време не и бев доволно позната на јавноста, па сум се уште жива. Мислам дека победи вистината, но изгубив јас. Сите оние луѓе, и сите медиуми воглавно, значи, медиумите беа тие што ме тапшаа по рамо, дека се соживуваат со мојата ситуација, дека кога ќе се промени власта, нели, ќе биде малку поопуштено, дека ќе имам можност повторно да работам како новинарка… Ветувања, ветувања, ветувања… Но, после промените тоа не се случи. Не добив ниту една понуда за работа, од ниту еден медиум. Тоа е вистината“, нагласува Јовановска.

По 10 години, Јовановска смета дека #Протестирам е единственото спонтано движење кое се има случено во државата.

„Искрени протести секогаш треба да постојат, затоа што тоа е здраво за демократијата, и им подавам рака и им се поклонувам на оние малкумина луѓе што останаа храбри и чесни во намерите“, велии таа.

Александар Митров, пак, жали што не се задржала таа мрежа меѓу активистите, иако повторно се гледаат преку Фејсбук. На одредени иницијативи, на одредени протести – пак се собираат.

„Ама, некои се активирале повеќе во некоја политичка партија, некои во повеќе десничарки движења, некои левичарски. Некако, тука се изгубивме по национални прашања. Некои се поделија. Така да, системот пак не’ дели. Меѓутоа, тоа што ми се допадна во тоа движење тогаш е дека се создаде некоја критична група на луѓе што имаа јасен поглед на светот тогаш, дека главно политичарите ни се корумпирани и не се заинтересирани позначајно да сменат“, контастира Митров.

И денес тоа постои, вели тој, а доѓаат млади генерации што имаат повеќе познавања отколку што тогаш го имале. Посилно ја гледаат дискриминацијата системска што постои кај нас и во светот. Затоа, постои претпоставка за пак да се излезе на протест.

Бојан Шашевски 

*Првичната верзија од тема е објавена во подкасот Мегафон.