Што е муабетот со „Вордл“?

Едноставна игра за мобилен телефон ги освои социјалните мрежи и поп културата. Се вика „Вордл“.

Играчот треба да погоди збор од пет букви, а за тоа има шест обиди, пишува „NPR“. По секој обид, полињата на зборовите се менуваат во сива боја за да покажат кои букви не се во зборот. Полињата добиваат жолта боја доколку буквите ги има во зборот но со друг редослед, и конечно, полињата се бојат зелено доколку буквите ги има во зборот со точниот редослед.

Некои луѓе го погодуваат „Зборот на денот“ за неколку минути. На другите…Им треба повеќе време.

Откако „Зборот на денот“ е погоден, а партијата изиграна, играчите своите резултати можат да ги споделат на „Твитер“, откривајќи колку обиди им биле потребни да го погодат зборот, без да откријат други детали. „Зборот на денот“ е ист за сите играчи, а дневно може да се погодува само еден збор.

Бесплатната игра е создадена од софтверскиот инженер Џош Вардл, кој ја направил играта за неговaта партнерка, која е љубителка на зборовни игри. Таа исто така помогнала во создавањето на играта.

Апликацијата започнала да станува популарна во октомври, а изминатава недела постигна бројка од 2.7 милиони играчи. Играта ја освои публиката бидејќи не содржи реклами, трикови за доплаќање, а играчите за да играат не треба да ги споделуваат своите лични информации.

„Правејќи ја „Вордл“ јас намерно одбегнував да ги правам работите што ги содржат сите мобилни игри“, изјавил Вардл за „NPR“. Тој не додал нотификации, не ја додал опцијата за бескрајно играње, ниту пак додал алатки кои би ги задржувале играчите што е можно подолго на апликацијата.

Според него, токму ваквиот пристап ја направил играта неверојатно популарна.

„Едноставноста на играта прави да биде забавна, без да има скриени агенди“. Сепак, големата популарност на играта носи и негативни страни.

„Да бидам искрен, популарноста не е добра. Имам поголема одговорност кон играчите. Се чувствувам дека им должам и дека треба и понатаму да работам за да се осигурам дека се работи совршено“, додал Вардл.

Едноставноста и популарноста на „Вордл“ доведе до создавање на голем брои копии, кои беа избришани од страна на „Епл“.