Во Тетово ќе се произведуваат електрични возила, најавија од Владата

Владата на денешната седница ја прифати одлуката да се додели државна помош на германската компанија „Next.e.GO Mobile“ која треба да произведува електрични возила во Технолошко-индустриската зона во Тетово.

Од Владата велат дека оваа мултимилионска инвестиција ќе отвори помеѓу 3 и 4 илјади нови работни места.

„Ова е за првпат во автомобилската индустрија кај нас да се продуцира целосен автомобил и се разбира за првпат ќе се произведуваат електрични автомобили. Придобивките од оваа инвестиција се многукратни – од отворање на нови работни места, извоз на производи со голема додадена вредност, пренос на знаење и технологии, мапирање на земјава кај странските инвеститори во оваа фела, до договори и дополнителна работа за локални компании“, соопштија од Владата.

Next.e.GO Mobile е компанија која произведува електрични автомобили со седиште во Ахен, Германија. Основана е во 2015 година, а две години подоцна на саемот „ЦеБИТ“ во Хановер првпат јавно го презентирале нивниот прототип на електрично возило „e.GO Life“. Компанијата изминативе две години договори инвестиции и во други земји од регионов, најавувајќи отворање фабрики во Грција и Бугарија.