Би „Зборле“, македонска верзија на онлајн играта „Вордл“

Откако онлајн играта „Вордл“, стана омилена дневна рутина и го „зарази“ светот, софтверскиот инженер Томче Делев ја адаптираше едноставната игра со зборови на македонски јазик.  И така Би „Зборле“.

Делев објаснува дека на 20 јануари ја објавил првична бета верзија од играта, но речникот не бил подготвен. Но, веќе до крајот на денот речниот бил доработен, а со тоа била создадена и конечната „официјална“ верзија.

„Зборле“ функционира потполно исто како и англиската верзија. Единствена промена е времето на објавување на „зборот на денот“, поради различните временски зони.

„Сметам дека ова е еден ‘магичен’ момент на оригиналната верзија и не сакав да се изгуби“, вели Делев за Радио МОФ.

За потсетување, во оваа игра со зборови, играчот треба да погоди збор од пет букви, а за тоа има шест обиди. По секој обид, полињата на зборовите се менуваат во сива боја за да покажат кои букви не се во зборот. Полињата добиваат жолта боја доколку буквите ги има во зборот но со друг редослед, и конечно, полињата се бојат зелено доколку буквите ги има во зборот со точниот редослед.

За изработка на „Зборле“ биле потребни неколку часа, а најголем дел од времето поминало во обезбедување на речник на македонски зборови.

„Времето потребно всушност беше многу кратко, но само затоа што ова е така наречен “fork” на отворен код (open source) од “Github“ на веќе сработена клон игра на оригиналната верзија. Јас дополнително сработив адаптација за македонска азбука и со помош на мала група ентузијасти обезбедивме речник на македонски зборови“, нагласува Делев.

Toј забележува дека можноста за зголемување на речникот постои, а во наредните денови ќе се обиде да го зголеми фондот на зборови со веќе предложените кои недостасуваат.

И Делев се „заразил“ со „Вордл“, па сакал да направи македонска верзија за оние кои не го познаваат англискиот јазик, а за оние кои веќе ја играат оригиналната верзија, да додаде уште еден дневен предизвик.

„Сѐ додека се зборува за игри и забава, сметам дека ова е едно убаво освежување во моменталното секојдневие исполнето со останати сериозни теми како пандемија, политика, црна хроника“, истакнува тој, коментирајќи го големиот интерес за „Зборле“ .

За крај, Делев посочува дека не се смета себеси за креатор на „Зборле“, туку објаснува дека задоволството во играњето сакал да го зголеми со уште една верзија со зборови на својот мајчин јазик, користејќи го своето искуство како софтверски инженер.

„Дури и да нема ниту еден друг кој би ја играл играта, за мене сѐ уште ќе биде дневен предизвик да продолжам да ја играм и ‘мојата’ верзија“, заклучува тој.

Што е муабетот со „Вордл“?

Ивана Смилевска