Шкотската влада ќе доделува бесплатни санитарни производи на жените кои имаат потреба, како дел од пилот проект во Абердин.
Најмалку 1 000 жени и девојки од семејства со ниски приходи ќе имаат корист од проектот на владата, за кој таа издвои 42 500 фунти.
Според локалните медиуми, ова е прв ваков национален проект.
Шестмесечниот пробен период ќе биде предводен од Североисточна иницијатива за храна во заедницата, која се фокусира на подобрување на здравјето и благосостојбата на социјално загрозените граѓани преку мрежата за споделување храна.
„Неприфатливо е што која било жена или девојка во Шкотска не може да има пристап до санитарни производи“, смета Ангела Констанс, дел од иницијативата.
„Затоа, како дел од нашите пошироки цели за да ја искорениме сиромаштијата од нашата земја, ние истражуваме како да ги направиме производите бесплатно достапни за граѓаните со ниски примања“, додава таа.
„Пилот проектот во Абердин е првиот чекор со кој ќе се обидеме да ги согледаме бариерите со кои се соочуваат жените и девојките – и да ни помогне да развиеме сензитивно и достоинствено решение за да ги направиме овие производи достапни за оние кои имаат потреба од нив“.
„Во текот на својот живот, жените трошат во просек околу 5 000 фунти за овие производи, што е прилично голема сума за оние чија заработувачка е мала. Многумина од нив не можат да си дозволат да ги купат, па користат несоодветни методи или отсуствуваат од училиште“, велат од иницијативата.
Пратеничката Моника Ленон од партијата на лабуристите беше една од најгласните на оваа тема, која го пофали овој потег.
Таа изјави: „Јас сум задоволна што кампањата што ја започнав како опозициски пратеник ги поттикна останатите пратеници да делуваат, но реалноста е дека на жените и девојките итно им е потребна национална акција“.
„Пилот програма е добредојден чекор во вистински правец, но ние мора да одиме подалеку за да им помогнеме на жените и девојките во државата кои месечно се борат да имаат пристап до производите што им се потребни“, додаде таа.