Викендов по шестти пат во Мариово ќе се одржи аутдор фестивалот „Мариово оф-роуд искуство“, во организација на Здружението „Вело Европа“ од Скопје и Општина Прилеп.
Покрај турите со планински велосипедизам, годинава ќе има и посета на пештери, искачување на неколку планински врвови и концерт на чалгискиот оркестар при МРТ. Годинава активностите и кампот ќе бидат сместени во манастирот Свети Илија во село Мелница.
„Целта и мотото на годинешното издание на фестивалот е „Уживаме во Мариово“. Со текот на годините го поставивме Мариово во календарот на аутдор активностите на спортистите во Македонија и веќе се дефинираше групата на луѓе кои се искрени љубители на овие спортови, љубители на престојот во природа и конкретно љубители на Мариово. Оваа година очекуваме да има околу 300 гости кои ќе практикуваат еден од овие спортови“, вели Слободан Трајковски, организатор на фестивалот.
Главни активности, како и претходните години, ќе бидат планинските велосипедски тури во недела. Ќе има две тури – едната долга 50, а другата 30 км. Учесниците на подолгата тура ќе стартуваат во 10 часот од манастирот Свети Илија во Мелница, а ќе продолжат кон Бешиште, Сатока, Градешница и преку Зовиќ и селото Манастир повторно завршуваат во манастирот Свети Илија во Мелница.
Малата тура ги посетува селата Витолиште, Полчиште, Бешиштеи повторно се враќа во Мелница. На таа тура предвидено било да има и мали предавања за истражувањата кои во изминатиов период се правеле во Мариово.