Шамарот и „кецот“ и понатаму се користат за дисциплина на учениците

Јавноста деновите беше сведок на немил настан каде наставник употреби шамар како метод за дисциплинирање на ученик во основно училиште во Бутел. Видеото од настанот беше објавено на „Тик Ток“ и оттогаш предизвика лавина од поделени реакции.

Според училишниот психолог Марија Младеновска-Димитровска, несоодветното однесување на наставникот кон ученик и употреба на вербално или физичко насилство кон ученик може да има сериозни психолошки последици кај ученикот кој бил изложен на тоа.

„Секое насилство, раѓа ново насилство“, посочи таа. Поради ова, таа смета дека треба да се внимава како ваквите настани ќе влијаат на личноста на ученикот.

„На крајот на краиштата ние не ги знаеме сите причини и околности кои доведуваат до тоа одреден ученик да се однесува насилно на училиште. Тоа секогаш ни е аларм дека со детето кое манифестира девијантно однесување нешто се случува. Тие се најчесто деца од дисфункционални семејства, семејства во социјален ризик или деца кои можеби имаат одредени психолошки проблеми“, вели Младеновска-Димитровска.

Настанот во Бутел беше вознемирувачки и за Мимоза Костоска, волонтерка на СОС телефонската линија за деца и млади при Првата детска амбасада „Меѓаши“. Воедно, таа е професорка и по англиски јазик.

„За детето тоа претставува стрес, траума, непочитување на личноста, понижување пред другарчињата срам кој длабоко ќе биде врежан во него и ќе го следи целиот негов живот, емоционален стрес кој ќе го следи низ целото негово постоење и од кој тешко а може и никогаш нема да може да се ослободи. Повреденото его на ученикот може  да повлече и други психолошко- емоционални последици во неговата личност да ја ослабне или целосно да ја изгуби својата самодоверба. Исто така, може да предизвика промени во целокупниот живот на детето-ученик“, објаснува Костоска.

Во нејзината 38-годишно искуство досега имала еден пример, за неа многу чуден. Се работи за ученик кој бил хипер-активен и воопшто не покажувал интерес кон учењето. Кога побарала да дојде родител, детето се смеело и ништо не покажувало.

„Но, неговиот татко дојде од Италија каде работеше, специјално да праша како е синот со учењето и беше вчудовиден кога ги виде сите слаби оцени на синот. Потоа ми рече дека тој не смее да го тепа бидејќи кога бил помал исто така поради слаби оценки го претепал и детето завршило во болница. Затоа, ме замоли и ми даде потполна слобода да употребам ,,секаков вид казни“ и ме преколнуваше да употребам се’ што е во моја моќ да применам па дури и  ќ о т е к  како што тој  самиот сакаше и ми предложи се’ да употребам, бидејќи тој се зарекол дека никогаш не смеел да го удри. Навистина не можев да верувам што слушнав, но со преземање на педагошки мерки, многу разговори и заеднички дружења, зближување со ученикот, се промени неговото однесување како кон себе така и кон неговите професори“, се потсети Костоска.

Додека се чека расчистување на случајот, настанот сам по себе ја згрози јавноста и фрли дамка на наставничката професија. Жестоки критики и линч кон наставникот беа дел од реакциите на јавноста, а други пак, ја оправдуваа постапката на наставникот, тврдејќи дека има ученици кои со своето лошо поведение го поттикнуваат ова.

„Јавноста не ја знае причината за испадот на наставникот во конкретниот случај, но без оглед која и да била причината за таквата постапка, мораме да укажеме дека не смееме да имаме никаква толеранција за насилство од страна на наставник кон ученик. Но, не смееме во ваква ситуација под силни емоции поради тоа што го виде јавноста, ниту да правиме јавен линч на наставникот, затоа што и тоа е вид на насилство. Ние како наставници кои сме вклучени во воспитно-образовниот процес не смееме да си дозволиме никакви испади на насилство, без оглед на однесувањето на учениците и колку со своите постапки ја преминале границата на пристојноста“, смета училишниот психолог Младеновска-Димитровска.

Според неа, секој наставник треба да биде свесен за улогата која ја има професионална, но и како личност, за својот авторитет врз учениците, треба да биде свесен дека тој е возрасна и зрела личност, и ни по возраста, ниту по професионалната улога и искуството, не смее да си дозволи ученик да го доведе во ситуација да ја загуби контролата врз сопствените емоции и однесувањето и да падне на провокациите.

И Костоска има слично размислувања, која нагласува дека мора во вакви случаи да се разгледаат двете страни и да се внимава зошто и што довело до таков настан од страна на наставникот. Како што посочи, ако наставникот имал свои лични психички и насилнички дејства или проблеми, треба да се отстрани од настава за да се спречи и друг емоционален стрес кај други ученици.

„Точно е дека и наставниците се изложени на удар и омаловажување од страна на некои ученици особено од повозрасните. Без разлика на несаканите настани и делувања – во многу нешта тоа е одраз пред се’ на домашното (не)воспитување, воопшто. Особено во последните 20-тина години откако се инсистира наставниците да имаат уредни дневни, месечни, тематски и годишни планирања, сета нивна енергија и активност како и сето нiвно битие се насочи кон тоа да бидат точни во минутажата на исполнување на задачите, да ги опфатат во целост наставните содржини, да ги бомбардираат учениците со знаење и непотребни податоци кои што ќе ги заборават само што ќе заврши часот, а само 10 % од целокупниот наставен кадар работи на воспитниот елемент и води разговори со учениците. Честопати незаинтересирани за наставната материја на часот, учениците знаат да го прекинат предавањето на наставникот, да се пошегуваат па дури и да дофрлат недолични навредливи потценувачки зборови и изрази кон наставникот“, забележува таа.

„Кецот“ место оцена, стана начин за одржување дисциплина на час

Друг проблем е тоа што во македонскиот образовен систем оцената и понатаму се користи како метод за воспитување и дисциплинирање на учениците. Тоа според психологот Младеновска-Димитровска воопшто не е правилно, затоа што оцената е мерило на знаењето на учениците и не може да се користи како воспитна мерка.

„Единицата како казна за однесувањето на одреден ученик, воопшто не придонесува за корекција на однесувањето, туку, напротив, само го продлабочува конфликтот на релација наставник-ученик и придонесува за зголемување на насилството и нетрпеливоста меѓу учениците и наставниците кои ја применуваат како мерка. Си има пропишано посебни воспитно-педагошки мерки за поведението на учениците и стручната служба си има методи, техники за корекција на однесувањето“, смета психологот.

Решението го гледа преку добра комуникација со учениците за коригирање на однесувањето, поголема емпатија и разбирање за однесувањето, индивидуална советодавна работа од страна на стручната служба, која со своите методи и техники на работа може значајно да делува за надминување на конфликтот и подобрување на однесувањето.

За Костоска од СОС линијата на „Меѓаши“, пак, ставањето единица не претставува воспитна мерка ниту метод, туку повеќе е израз на слабост и незнаење од страна на наставникот. Вид одмазда и начин како да се повреди и казни ученикот.

„Добрите наставници ја негуваат воспитната компонента во образованието, тие во училницата/на часот создаваат атмосфера на припадност и учат од учениците. Тие ги поттикнуваат учениците на разговор за да најдат одговори на нивните прашања, применуваат методи со кои воспоставуваат однос на доверба и сигурен простор во кој ќе можат да се изразат и да споделат доколку имаат тешкотија“, уверува Костоска.

МОН: Се подготвува нова програма за психолошко советување на родители на ученици 

За случајот во Бутел и понатаму се чека разврска, откако беа запознаени училишното раководство, а потоа и останатите надлежни институции како што се Државниот просветен инспекторат и Министерството за внатрешни работи.

Од Министерството за образование и наука осудуваат секаков вид насилство врз учениците и меѓу нив. Оттаму информираат дека е изменета законската регулатива и прецизирање на постапувањето при детекција на случаи на насилство врз ученици. Покрај ова, најавуваат дека се подготвува и нова програма за психолошко советување на родители на ученици, како и на самите ученици кои во одредени периоди за време на воспитно образовниот процес покажале извесни форми на несоодветно однесување за нивната возраст, иницирале или пак доживеале одредена форма на насилство, драстично го намалиле просечниот успех во учењето и слично.

„Во однос на новата програма за психолошко советување на ученици и родители, информираме дека од истата се очекува да ја зголеми ефективноста на советодавната работа со учениците и нивните родители од содржински, методолошки и организациски аспект. Особено кога се работи за насилство во каков било облик, последиците за децата можат да бидат долготрајни и да го нарушат нивното ментално и физичко здравје. Токму затоа клучен фактор кој ќе обезбеди квалитетен пристап во работата со учениците е соодветна обука на стручните служби во основните и средните училишта. Обуките вклучуваат едукација за соодветен пристап и советодавна работа, како и едукација за спроведување на превентивни активности за спречување на насилство и создавање безбедна средина за живот и работа на учениците“, информираат од МОН.

Со Законот за основно образование се пропишува дека секој вработен во училиштето е должен да се грижи за најдобриот интерес на ученикот и да го почитува неговото достоинството, како и Конвенцијата за правата на детето. Понатаму законот пропишува и дека е забрането телесно, психичко и сексуално малтретирање и казнување на ученикот и понижувачко однесување и постапување кон него.

Исто така, директорот на училиштето е должен да го пријави секој облик на насилство, злоупотреба или занемарување сторено врз ученик од страна на друг ученик, родител односно старател, наставник, стручен соработник или кое било друго лице кое е вработено во училиштето, до надлежните институции.

Постапката за пријавување и заштита на ученик – жртва на било која од формите на насилство, злоупотреба и занемарување е утврдена за прв пат со подзаконски акт донесен во 2020 година. Со него се уредуваат видовите на насилство, начинот на пријавување и постапување од страна на училиштата.

Во Законот за основно образование дополнително се уредени и глоби за училиштето и наставникот доколку се врши телесно, психичко и сексуално малтретирање и казнување на ученикот и понижувачко однесување и постапување кон него и доколку не пријави насилство, злоупотреба и занемарување врз ученик до надлежните органи.

„Дополнително, со Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, предвидено е поведување на дисциплинска постапка за наставник кој ќе го прекрши Етичкиот кодекс. Дисциплинската постапка ја спроведува дисциплинската комисија на начин утврден со статутот на училиштето. Директорот, врз основа на предлогот на дисциплинската комисија, донесува решение за изрекување дисциплинска мерка. Во случаите на потешки прекршувања на Етичкиот кодекс за наставниците и стручните соработници, директорот може со решение да го отстрани наставникот од работа најмногу до три месеци за кој период наставникот добива плата во износ од 50% од последно исплатена плата пред да биде отстранет од работа“, појаснуваат од МОН.

Како да им се помогне на децата кои биле малтретирани од вработени во училиште?

Психолошката поддршка од страна на стручната служба, класен раководител и други наставници во кои ученикот има доверба се клучни во помагање на учениците кои биле малтретирани од вработени во училиштето, истакнува психологот Младеновска-Димитровска.

Според неа, децата во училиштата треба да се охрабруваат да пријават секаков вид насилство, вклучително и насилство кое го врши наставниот кадар.

„Училиштата не смеат да имаат никаква толеранција за насилството. Многупати учениците се плашат да пријават насилство од наставник кон нив, затоа што се плашат од последиците кои би ги трпеле поради тоа. Сепак, наставникот е авторитет за децата и тие чувствуваат страв дека ако пријават никој нема да им верува, ниту да ги заштити и дека дополнително ќе трпат последици во однос на успехот од страна на наставникот кој им врши насилство“, вели Младеновска-Димитровска.

Таа истакнува дека децата треба да знаат да препознаваат насилство, особено психичкото насилство. Овде ги споменува упатување на навреди кон личноста на ученикот, дискредитација на ученикот, упатување закани, пишување единици како казна за одредено однесување на ученикот, манифестирање на самоволие на наставникот кон учениците, необјективност во оценување, исклучување од учество на часовите на тие деца, уценување со барање за примање на подароци од ученици итн. Но, оваа едукација според неа треба да ја имаат и самите родители на децата, наставниците, како и сите вклучени во воспитно-образовниот процес.

На ова се надоврзува Костоска која забележува дека учениците се паметни и остроумни, па знаат на кој наставник што и како да му речат  или да му дофрлат. Сепак, смета дека наставникот треба да има доблест, да знае како да се справи со тие за среќа помалубројни „проблематични“ ученици.

„А, пандемијата пак како ненадејно неочекувано зло, сигурно дека има удел како во однесувањето на учениците така и кај наставниците, бидејќи во потполност ја разниша и онака не многу стабилната врска помеѓу ученик- наставник – родител. Соочени во спротивставувањето на една навистина сериозно-страшна непозната болест за целото човештво, овој триаголник  недвосмислено  настрада  со сериозни психолошко- емоционални последици кај сите – а особено кај децата- ученици“, заклучи Костоска, додавајќи дека учениците за првпат се соочија со онлајн настава.

Е.П.