Селмани: Полицијата да научи дека на протести новинарите не им се непријатели

Насилството врз медиумските работници е неприфатливо во една демократија, а сигурноста на новинарите е врвен приоритет, истакна претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, на работилницата за безбедност на новинарите за време на настани со висок ризик во организација на ОБСЕ, МВР и ЗНМ.

„За жал имаше и примери во минатото кога самите припадници на полицијата, од нејасни причини, на протести напаѓаа новинари. Полицијата треба да научи дека новинарите на протести не им се непријатели, туку исто така се професионалци на службена должност кои треба да се заштитат ако бидат нападнати од протестантите. Таа заштита ја заслужуваат во согласност со домашното и меѓународното право“, изјави Селмани.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изјави дека ставот на владата е дека нема да има никаква толеранција за било каков обид за загрозување на слободата на говор и изразување, додавајќи дека Министерството ќе обезбеди максимални услови за непречена работа на новинарите и дека секој напад врз нив ќе биде најостро осуден и санкциониран.

Работилницата денеска и утре се реализира во Скопје, а претходно вакви работилници се одржаа и во Охрид, Куманово, Штип, Струмица и Тетово. Обуките имаат цел да ги запознаат припадниците на полицијата за важноста на улогата на новинарите за информирање на граѓаните за настани од висок ризик.