Секоја поединечна цигара во Канада ќе има здравствено предупредување

Канада наскоро ќе стане првата земја во светот која ќе печати здравствени предупредувања на секоја поединечна цигара, соопштија од канадското Министерство за здравство.

Новото пакување ќе има фрази како „цигарите предизвикуваат рак“ или „отров со секое вдишување“ на секоја цигара. Овие нови регулативи ќе стапат на сила од 1 август, а целта е да се намали користењето на тутун во Канада на помалку од 5% до 2035 година.

Во соопштението на Министерството, се наведува дека со новите правила „речиси ќе биде невозможно да се избегнат здравствените предупредувања“ на тутунските производи. Тие предвидуваат дека до април 2025 година сите продавачи во Канада ќе имаат само тутунски производи кои ќе ја имаат новата амбалажа, директно на секоја цигара.

Овој потег следува по 75-дневна јавна консултација, која беше започната минатата година.

Одлуката ја поздравија здравствените невладини организации, кои велат дека новите регулативи ќе одвратат повеќе луѓе, особено младите, од пушењето.

Пушењето цигари е ризик фактор за рак на бели дробови, срцеви заболувања и мозочен удар.

Фото: Министерство за здравство на Канада

Во Канада се печатат предупредувања на амбалажите на цигарите од 1989 година. САД беше прва земја во светот која започна да печати вакви известувања на кутиите цигари во 1965.

Овие известувања се менуваа низ годините, па покрај текст беа вклучени и слики кои алармираат на здравствените последици од пушењето.

По воведувањето на ваквите предупредувања во САД, процентот на пушачи значително опадна. Некои студии, сепак тврдат дека предупредувањата на амбалажите не ги одвраќаат луѓето кои имаат високо ниво на зависност од никотин.

Според националното истражување за тутун и никотин од 2021 година, во Канада процент на оние кои пушат цигари изнесува околу 10%, додека користењето на електронски цигари е нешто повисоко, и изнесува 17% од популацијата над 15 години.