С. Македонија со мал напредок според Индексот на демократија, но останува на дното во регионот

Северна Македонија е „демократија со недостатоци“ и има многу ниска политичка култура. Ваква оценка доби земјава според новиот Индекс на демократија за 2022 година кој го изработува аналитичкиот оддел на магазинот Економист (ЕИУ).

Земјава има напредок од една позиција во споредба со лани и се најде на 72 место во светот од вкупно 167 држави. С. Македонија во последниот извештај останува во категоријата „демократии со недостатоци“, откако минатата година беше унапредена во овој статус од дотогашниот „хибриден режим“.

И покрај малиот напредок, државава останува на самото дно на регионот според Индексот за демократија. Од окружувањето подобри се Грција (25 место), Словенија (31), Бугарија (57), Хрватска (59), Црна Гора (61), Албанија (64) и Србија (68). Единствено полоша од С. Македонија е Босна и Херцеговина (97 место).

„Рејтингот на Северна Македонија е маргинално подобрен, од 6,03 на 6,10 во 2022, што се должи на подобрување на поените за граѓански слободи, додека поените за функционирање на власта се намалени. Собранието на Северна Македонија го поддржа непопуларниот предлог во јули, кој резултираше со тоа Бугарија да го повлече ветото за почеток на преговорите со ЕУ. Предлогот беше непопуларен во јавноста поради загриженоста дека попустите кон Бугарија можат да го поткопаат македонскиот национален идентитет. Истовремено, земјата конечно ги објави првите податоци од Пописот 2021 и успешно ги менаџираше високо поделените општествени и политички прашања поврзани со етничките Македонци и етничките Албанци во државата“, пишува во извештајот на ЕИУ.

По области, С. Македонија има релативно добар скор во категориите „изборен процес и плурализам“ (7,83) и „граѓански слободи“ (7,35). Нешто полош скор има во категориите „политичко учество“ (6,11) и „функционирање на власта“ (6,07), додека катастрофално стои во категоријата „политичка култура“ (3,13), што е најлош рејтинг од сите држави во Европа.

Во извештајот се забележува дека индексот за демократија за С. Македонија од изборите во 2016 година до денес е покачен од 5,23 на 6,10. Откако се мери Индексот на демократијата, земјава највисока оценка имала во 2006 година (6,33).

Глобално, во последниот индекс највисок Индекс на демократија има Норвешка со вкупно 9,81 поени од максимални 10. На првите пет позиции се наоѓаат уште и Нов Зеланд, Исланд, Шведска и Финска.

Оваа година најлоша демократија според извештајот била Авганистан со 0,32 поени од можни 10. На последните пет места се уште и Мјанмар, Северна Кореја, Централноафриканска Република и Сирија.