С. Македонија напредуваше 33 места во слободата на медиумите според Индексот на Репортери без граници

Северна Македонија се најде на 57-то место од 180 светски држави и територии според последниот Индекс на слободата на медиумите на Репортери без граници за 2022 година. Во споредба со лани државата има напредок од дури 33 места на листата, иако оваа драстична промена главно се должи на новата методологија преку која се пресметува Индексот.

Во споредба со земјите од окружувањето сега С. Македонија се наоѓа при врвот, веднаш зад Хрватска (48-мо место) и Словенија (54). Зад земјава се наоѓаат Косово (61), Црна Гора (63), Босна и Херцеговина (67), Србија (79), Бугарија (91), Албанија (103) и Грција (108).

20-тото издание на Индексот за слобода на медиумите на Репортери без граници има целосно променета методологија, која сега слободата ја дефинира како: „ефективна можност за новинарите, како индивидуалци или групи, да избираат, создаваат и шират вести и информации од јавен интерес, независно од политички, економски, правни и општествени влијанија и без закани по нивната физичка и психолошка безбедност“.

Според новата методологија се користат пет нови индикатори во пресметување на оценката – политички контекст, правна рамка, економски контекст, социо-културен контекст и безбедност.

По новата методологија, С. Македонија најдобро стои според индикаторот „правна рамка“, каде се наоѓа на 28-то место во светот. Според безбедноста е на 53-тото место, додека во политичкиот контекст се наоѓа на 56-тото место во светот. Најлошо стои според социо-културниот аспект – 74-то место и економскиот индикатор – 83-то место.

Во делот за земјава од Репортери без граници велат дека „иако новинарите не работат во непријателска атмосфера, сепак раширените дезинформации и недостаток на професионализам придонесуваат во намалената доверба кон медиумите во општеството која ги изложува независните медиуми на закани и напади“.

Во поглед на политичкиот контекст Репортери без граници посочуваат дека генералната атмосфера во земјава останала поволна за медиумските слободи и дозволува критичко информирање, но додаваат дека е слаба транспарентноста на институциите.

„Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат предмет на притисок од властите, политичарите и бизнисмените. Двете најголеми партии (онаа на власт и онаа во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го имаат своето политичко и економско влијание. Јавниот сервис нема уредничка или финансиска независност“, се наведува во Извештајот.

Дополнително од Репортери без граници потенцираат дека од законски аспект, иако со Уставот се дозволува слобода на говорот и се забранува цензурата, сепак земјава заостанува во поглед на хармонизирање на медиумското законодавство со стандардите на Европската Унија. Во економскиот контекст, пак, се наведува дека уредништвото на дел од големите телевизии се изложени на економски притисоци од нивните сопственици, додека независните медиуми силно се потпираат на донатори и дека проектите од странски грантови придонесуваат за преживување на ваквите медиуми, но не и за дополнителен развој.

Во социо-културниот контекст се истакнува дека социјалните мрежи и дигиталната сфера го помага ширењето дезинфорамции и сајбер-закани и дека ова заедно со ниските професионални стандарди придонесува за опаѓање на довербата на јавноста во медиумите и охрабрува напади на новинарите врз родова, етничка и религиозна основа. Од аспект на безбедноста, се посочува дека 2021 година во Северна Македонија била релативно мирна, но дека новинарите и понатаму биле редовна мета на вербални напади.

Скандинавските држави и оваа година се најдоа на врвот на Индексот. Норвешка, Данска и Шведска ги зазедоа првите три места како држави со најголема слобода на медиумите, додека на дното се наоѓаат Северна Кореја, Еритреја и Иран.

20-тиот Индекс на слободата на медиумите оваа година е насловен како „Нова ера во поларизацијата“ и го отсликува катастрофалниот ефект на медиумскиот и информациски хаос, последица на глобализираниот и нерегулиран онлајн информациски простор кој охрабрува лажни вести и пропаганда.

„Во демократските општества поделбите растат како резултат на ширењето на коментаторските медиуми кои го следат „Фокс Њуз моделот“ и ширењето на дезинформациските циклуси кои се засилени од функциите на социјалните медиуми. На меѓународно ниво, демократиите се ослабени од асиметријата меѓу отворените општества и деспотските режими кои ги контролираат нивните медиуми и онлајн платформите додека користат пропагандна војна против демократиите. Поларизацијата на овие две нивоа ги потхранува растечките тензии“, велат од Репортери без граници.

Од организацијата велат дека ова може да се види и преку инвазијата врз Украина (106-та во светот според Индексот) од страна на Русија (155-та), откако на физичкиот конфликт му претходеше пропагандна војна.

Репортери без граници традиционално го објавуваат својот годишен извештај на 3-ти мај – Светскиот ден на слободата на медиумите.