Сѐ повеќе авиокомпании забрануваат внесување на Самсунг 7 во авионите

Откако паметниот телефон кој експлодира беше забранет во САД, авиокомпаниите во Хонг Конг, Кина, Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја и Италија забранија патници да летаат на нивните линии доколку го понесат својот Самсунг 7 со себе.

Забраната доаѓа откако се потврди дека проблемот со експлозиите е во литиум-јонските батерии на телефонот. Најпрво беше забранет од Федералната авијациска власт на САД, а потоа забраната ја прифатија и голем број други држави.

Неколку авиокомпании почнале да преземаат и мерки на безбедност за да ги обезбедат авионите со нови ќеси за „воздржување од пожар“, кои се дизајнирани на тој начин што во нив се пакуваат електронските уреди и дури и да експлодираат, огнот нема да се прошири и да го оштети авионот.

Многубројните експлозии на Самсунг Галакси Ноут 7 телефоните го покажаат ризикот од литиум-јонските батерии и нивниот потенцијал за голема штета во затворени околини во кои лесно може да дојде до пожар. Но, ова не е прв уред кој содржи батерија, кој бил забранет да се внесува во авион.

Во февруари, Агенцијата на авијација на ОН забрани товарење на литиум-јонски батерии на патнички авиони, откако пилотите и производителите на леталата потенцирале дека се голем ризик.