Речиси 200 онлајн кампањи за собирање пари за изградба на ѕидот помеѓу САД и Мексико

Изградбата на ѕид на границата помеѓу САД и Мексико и понатаму е тема за анализи и аргументирања. Ново истражување покажа дека еден од пет гласачи би дал пари од сопствен џеб за негова изградба.

Во моментов, постојат речиси 200 оналјн кампањи на платформата GoFundMe за собирање пари за да се изгради ѕидот.

„Ако Конгресот не го направи тоа, ние ќе го направиме“, стои во една од пораките на кампањите. Сепак, засега нема значаен одзив.

Федерацијата за реформи во американската имиграција ги спореди вкупните трошоци за изградба на ѕидот, кои изнесуваат речиси 25 милијарди долари, со вкупните трошоци за грижа или управување со имигранти што живеат во Америка незаконски.

„Обезбедувањето на јужната граница е голема фискална инвестиција. Севкупните трошоци за изградба и годишните трошоци за одржување се далеку помали во споредба со 113 милијарди долари што ги даваат американските даночни обврзници за илегалната имиграција. Всушност, ако проектот само резултира со намалување од 5 отсто на годишните трошоци за нелегална имиграција на американските даночни обврзници, а трошоците за изградба и одржување на ѕидот ги достигнат најскапите проценки, тоа ќе се исплати за само шест години “, вели организацијата во нивната сеопфатна студија.