Реалната цена на една чинија храна – еден долар во Њујорк, 320 во Јужен Судан

Најсиромашните луѓе во светот плаќаат повеќе од дневна плата за една чинија храна, според извештај на Светската програма за храна (World Food Programme). Во податоците е откриено дека истата чинија грав просечен њујорчанец ја плаќа само 1,20 долари, а цената на овој оброк е дури 320 долари во Јужен Судан.

Истражувањето, објавено на Светскиот ден на храната во понеделникот, ја подвлекува сериозната дискрепанца во потрошувачката моќ на луѓето низ светот преку едноставно мерење на релативната цена на храната во различните држави.

„Преку прилагодување на потрошувачката моќ, ги потенцираме нееднаквостите во пристапноста на храната“, вели Дејвид Бизли, извршен директор на Светската програма за храна. „Резултатите се, во многу случаи, шокантни: ако мислите дека еден оброк е скап во Норвешка, обидете се да си купите храна во Малави“.

Економистите во WFP зеле стандарден оброк составен од грав или леќа, во комбинација со претпочитаниот локален јаглехидрат како ориз или компир, по цена од локално ниво, а потоа го споредиле со просечниот дневен буџет од националниот ГДП по глава жител. Користејќи го ова како основа, WFP потоа можеле да одредат колку една просечна личност во Њујорк треба да плати за јадењето, ако треба да ја потрошат истата пропорција од нивниот дневен принос како луѓето во нивните земји.

Чинијата ориз и грав од 1,20 долари во Њујорк, која е само 0,6% од дневната плата на просечниот њујорчанец, чини 8,27 долари во Гватемала, 27,77 долари во Непал и 72,65 во Хаити.

Во Јужен Судан, која е на дното на листата, оброкот чини 321,70 долари, или 155% од дневната плата на просечен локалец.

Бизли објаснува зошто уште постои глад, особено во земјите во развој. Околу 795 милиони луѓе живееле во глад во 2016, според WFP, бројка се очекува дека ќе се зголеми годинава поради фактори како конфилкти, политичка нестабилност, лоша инфраструктура и климатски промени.

„Речиси 800 милиони луѓе беа гладни минатата година, едноставно затоа што не можеле да си дозволат да јадат. Сепак, имаме доволно храна да ги нахраниме сите во светот. Храната која ја фрламе секој ден може да нахрани две милијарди жители“, вели Френсис Мванза, портпарол на WFP за Лондон.

„Ако не ги прекинеме конфликтите, ако не престанеме со предизвикување на миграција на луѓе од нивните татковини во соседните земји, доколку луѓето немаат можности да ја растат својата храна или да си дозволат да ја купат, луѓето ќе продолжат да гладуваат“, додава тој.