„Реактор“ презентираше анализа за вклучување на родовата перспектива во статистичкиот систем на С. Македонија

Како да се вклучи родот во националниот статистички систем и кои се приоритетните области на кои им недостасува родова статистика се разгледаните прашања во новата анализа на Реактор – истражување во акција, која беше презентирана синоќа, на 7 септември.

Родовата анализа е насловена „Родова статистика и вклучување на родовата перспектива во статистичкиот систем на Северна Македонија“, а на панел дискусијата Васка Лешоска од Реактор ја презентираше анализата и препораките за подобрена соработка и координација меѓу клучните национални чинители за вклучување на родовата перспектива во статистичкиот систем.

„Родовата статистика треба да ни покаже како живеат мажите и жените, девојчињата и момчињата во сите нивни различности во едно општество. Истовремено, родовата статистика треба да ни помогне да оцениме дали нештата се менуваат со текот на времето и дали јавните политики резултирале со намалување на нееднаквостите“ истакна Лешоска.

Од Реактор објаснуваат дека документот обидува да даде одговор на прашањат преку анализа на правната и институционалната рамка на официјалниот статистички систем и националното законодавство, законодавството на ЕУ, стратешките и политичките документи поврзани со родовата статистика, анализа на постојните практики релевантни за производство и дисеминација на родова статистика, анализа на расположливите родови статистики и родови индикатори, анализа на достапни податоци поделени по пол од овластени тела за државна статистика; и анализа на можни административни извори за родово групирани податоци надвор од официјалниот статистички систем.

Според Лешоска, клучно е стратешките цели за родова еднаквост на државата да се операционализираат низ статистички показатели кои со текот на времето ќе овозможат континуитет на напорите и одговор на прашањето колку сме блиску до остварување на родова еднаквост во сите аспекти на нашето живеење.

„Дијалогот меѓу носителите на статистичка дејност, креаторите на политики, граѓанското општество и другите корисници е клучен за мапирање на потребите за родова статисика, информирање на политиките со докази и за унапредување на статистичката писменост“, нагласи Лешоска.

Наа отворената дискусија свое обраќање имаа и претставници на Министерство за труд и социјална политика, Државниот завод за статистика, Секретаријатот за Европски прашања, Шведската Амбасада, канцеларијата на UN Women, Националниот демократски институт, како и граѓанските организации „Акција Здруженска“ и Центарот за истражување и креирање на политики.