Реакција: Институциите да постапат по принципот на должно внимание за случајот со младата радовишанка

Откако во јавноста излезе веста за 24 годишна жена од радовишкото село Тополница која си го одзела животот во полскиот тоалет во дворот на семејната куќа и притоа оставила проштална видео порака во која објаснува низ што се поминала во својот краток животен век, Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство бара од надлежните институции да постапат со должно внимание и целосно да го истражат случајот.

„Треба да се земат во предвид сите околности и настани, посебно оние кои укажуваат на подолготрајното вршење на тортура и семејно насилство врз неа, а кои и биле причината за одземање на животот. Имено во прошталаната видео порака чиј дел од текстот го објави Слободен Печат, младата жена наведува дека била постојано вознемирувана,  од неколку мажи (чии имиња се наведени во самата проштална порака) и го наведува и името на мажот кој и дал непозната супстанца со која си го одзема животот. Дополнително според анонимните искази на блиски роднини и соселани на семејството, младата жена со години живеела под притисокот на силната љубомора, контрола, доминација и заклучување во куќата од страна на нејзиниот повозрасен сопруг, а единствено излегување од куќата и било само во придружба на сопругот и тоа да посети лекар или за породувањето“, соопштуваат од Националната мрежа.

Иако има индиции и укажувања за насилство врз неа, сепак, велат тие, по добиените информации од Центарот за социјална работа дадена е изјава дека семејството не било корисник ниту на права од социјална заштита ниту пак е регистриран некоја пријава за семејно насилство. Истите податоци се добиени и од МВР.

„Млада жена која според информациите со кои располага Слободен печат била од 13 години во заедница со сопругот, која секој ден е заклучувана и контролирана од страна на него,  немала никаква можност да го пријави сторителот до ниедна од горенаведените институциите. Според истражувањето кое го спроведе ОБСЕ за благосостојбата на жените во нашата држава, податоците се дека семејното насилство во сите форми е широко распространето кај нас, но само 2% од жените кои доживеале насилство од сегашен партнер, го пријавиле во полиција.

Во конкретниов случај,  закопот на младата жена бил направен веднаш следниот ден, каде поради недостаток на докази (!!!) за насилна смрт не е направен преглед и обдукција на починатата, уште повеќе го крева алармот за итно постапување на сите институции, особено надлежното Основното јавно обвинителство, и откривање на вистината која стои зад оваа трагедија. Дополнително, очекуваме да се преземат сите мерки за заштита на нејзините деца и обезбедување на соодветна помош и поддршка за надминување на траумата која ја доживуваат со губитокот на мајката, а секако и траумите кои ги преживеале растејќи како сведоци на насилството кое било вршено врз нивната мајка“, се вели во соопштението на Мрежата.