„Простор за разговор“ – уметнички активизам за подигнување на свеста за родовото и семејното насилство

Под мотото „Уметнички активизам за подигнување на свеста“, Интерарт културниот центар најавува национална турнеја „Простор за разговор“ – “Dancing (Talking)Table” во чиј склоп ќе се одржат перформанси, театарски претстави, дискусии и филмски проекции на темата за родова еднаквост и семејното насилство во 10 градови во земјава.

Турнејата, како што информираат од Центарот ќе започне со настан во Куманово на 22 март, а ќе продолжи и во другите градови каде ќе се разговара за родовата еднаквост и семејното насилство, и, како што велат, низ уметнички активизам, ќе ја подигнува свеста за овој огромен проблем во општеството.

„На 22 март се случуваат два настани, едниот со фокус на младите каде во просториите на ОСТУ ‘Наце Буѓони’ ќе се одржи дискусија за родовото насилство меѓу младите, и вториот кој ќе се одржи во ‘Домот на културата’ во Куманово каде ќе биде презентиран уметничкиот перформанс и проекција на филмот ‘Простор за разговор’. Турнејата продолжува на 24 март во Штип, каде во Мултимедијалниот центар на УГД, ќе се одржи средба и разговор со младите Штипјани, а потоа во Домот на културата ‘Ацо Шопов’, ќе биде изведен танцовиот перформанс и ќе има проекција на филмот ‘Простор за разговор’“, се вели во највата.

Во танцовиот перформанс и во филмот учествуваат танчерите на Скопје танцов театар и студентите на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

Проектот „Простор за разговор“ своја премиера во Скопје имаше на 26 ноември минатата година во Мала станица, и за таа цел беа создадени уметнички рефлексии на темата, преку современа танцова претстава и филм на истата тема.

Проектот се реализира во партнерство со универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, „Националната мрежа против семејно насилство“ и локални партнери од десетте града во Македонија,  кои се занимаваат со темата, а е во поддршка на Швајцарската амбасада во Скопје.