Разговор со писателот Александар Русјаков во Градската библиотека во Скопје

Во рамки на кампањата „Читаме современи македонски автори“, на скопската градска библиотека „Браќа Миладиновци“, утре, на 7 февруари, ќе се одржи книжевен разговор со писателот Александар Русјаков.

Токму неговиот роман„Хотел меѓу две војни“ е книга на месецот во библиотеката која ќе биде и тема и на Клубот на читатели предвиден за 25 февруари.

Со почеток во 19 часот, во „Браќа Миладиновци“, разговорот со Русјаков ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

„Хотел меѓу две војни“ е историографска метафикција посветена на култната љубовна приказна за Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Прикажани во вителот на бурните историски настани на Балканот и во Европа (пред сè, многубројните војни од првата половина на ХХ век), судбините на Мустафа и Елени се претставени преку вештите меандрирања помеѓу биографските факти и многубројните реминисценции и психолошки портретирања на ликовите.

Книгата е добитник на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2021 година и на Рациновото признание во 2022 година.

Александар Русјаков е роден во 1970 година во Велес. Пишува поезија, раскази, драми, а „Хотел меѓу две војни“ е негов петти роман. Автор е на сценарија за повеќе кратки и долгометражни филмови, тв филмови и серии, како и на сценариото за анимираната тв-серија „Еднооки“.

Кампањата „Читаме современи македонски автори“ започна во септември минатата година, како поддршка за домашното книжевно творештво.

„Македонската литература има долга традиција, а нејзината вредноста ја продолжуваат авторите кои ни се современици, наши колеги, сограѓани. Сметаме дека токму нашите читатели треба да бидат тие кои први ќе ги читаат нашите автори, писателите кои творат на македонски јазик токму денес. Нашата цел е да поттикнеме што поголем интерес за современите македонските дела, како и за македонскиот јазик“, велат од ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.

До сега пред читателите на Библиотеката беа претставени „Сфинга на гневот“ и авторот Жарко Кујунџиски, „Девет приказни за госпоѓица Сит“ и Билјана С. Црвенковска, „Диссомнии“ на Игор Станојоски и „Лебед“ на Ана Стојаноска.

Кампањата „Читаме современи македонски автори“ е предвидено да трае до месец јуни.