Град Скопје: Се враќа 24-часовното работно време на читалната во „Браќа Миладиновци“

Од Град Скопје информираат дека работното време на читалната во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе биде 24 часа.

Ова вчера било договорено на средбата на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, со претставниците на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот Св. Кирил и Методиј (УСС УКИМ), Ева Цветковска и Вера Палевска.

„Цветковска и Палевска во име на студентите побараа да им се овозможи да ја посетуваат читалната непречено 24 часа во денот, односно студентите да не се соочуваат со проблеми од типот на затворени читални секогаш кога тие ќе им бидат потребни. Градоначалничката Арсовска искажа недвосмислена поддршка за нивните предлози и потенцираше дека секогаш ќе биде на располагање за младите со цел реализирање на проектите од нивна корист“, соопштија од Град Скопје.

Фото: Град Скопје

УСС УКИМ неколку месеци наназад бараше од институциите враќање на 24-часовното работно време на библиотеката „Браќа Миладиновци“, кое беше редуцирано поради пандемијата со Ковид-19. Тие организираа и онлајн петиција која беше потпишана од преку 1.500 луѓе.

„Со почитување на заштитните мерки од корона вирусот, односно носење маска, одржување дистанца и редовна дезинфекција на рацете, се штитиме од корона вирусот во било кој час од денот. Затоа, да ги обединиме нашите сили и да притиснеме за отворање на читалните во било кој час од денот“, стоеше во петицијата.

Од Градската библиотека одговараа дека чекаат одлуки од здравствената комисија за да се врати полното работно време.

Досегашното, редуцирано работно време на библиотеката беше од 08-20 часот од понеделник и петок, а во сабота 07-15 часот.