Од „Браќа Миладиновци“ чекаат одлуки на здравствена комисија за да го вратат полното работно време

Комисијата за заразни болести треба да одлучи за враќање на полното работно време на читалните, вели Сузана Данаилова, директорка на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје за Радио МОФ.

Таа информира дека стапила во контакт со претседателката на Универзитетското студентско собрание, кое вчера покрена онлајн петиција за враќање на полно работно време на читалната.

„Од претседателката побарав да го испрати барањето претходно упатено до Библиотеката, до Здравствената комисија, за тоа да биде прегледано од надлежното тело, а потоа да биде донесена одлука. Ќе ги чекаме новите одлуки, не сакаме да плаќаме казни“, вели Данаилова.

Според податоците достапни на сајтот на библиотеката, моменталното работно време е од понеделник до петок од 08-20 часот, со читатели до 19.30 часот, а сабота од 7:00  до 15:00, со читатели до 14.30 часот.

Вчера попладне, на иницијатива на УСС УКИМ, беше објавена петиција на која се досега се потпишаа 1270 студенти.

Оттаму велат дека упорно испраќаат аргументирани барања до библиотеката „Браќа Миладиновци” за продолжување на работните часови, а од библиотеката упорно ги одбиваат под изговор дека ситуацијата со коронавирусот не дозволува услови за да се прифати барањето.

Во меѓувреме, бројките на новозаболени се во пораст во последниот период.

Петиција за враќање на полното работно време на читалната во „Браќа Миладиновци“

И.С.