Разговор со Билјана С. Црвенковска како дел од кампањата „Читаме современи македонски автори“

Утре (6 октомври) во 19:00 часот во спомен-собата „Т’га за југ“ во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, ќе се одржи разговор со авторката на книгата „Девет приказни за госпоѓица Сит “, Билјана С. Црвенковска.

Книгата „Девет приказни за госпоѓица Сит“ е книга за месецот октомври, а разговорот со писателката ќе се одржи во рамки на кампањата „Читаме современи македонски автори“ што има за цел читателската публика да ја доближи до делата на домашните современи автори.

Утрешниот разговор ќе го води Александра Јуруковска, а фрагменти од книгата ќе чита актерката Ива Милчова.

Билјана Црвенковска е писателка, сценаристка , уредничка и преведувачка, магистер по филозофски науки. Главен уредник е во издавачката куќа Чудна шума, како и во истоименото е-списание за деца. Пишува книги за деца и млади, но и проза, поезија и сценарија за ТВ и анимирани серии.

Досега ги има напишано романите „Што сонуваше Дедо Мраз“, „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“ и наградуваниот „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“.

Автор е на сликовниците и сценаријата од серијалот „Светот на Биби“, како и на наградуваната сликовница „Невидливата куќа“, илустрирана од Ване Костуранов. Има добиено повеќе награди и признанија за нејзините романи и сликовници, меѓу кои и наградата „Ванчо Николески“ за книгата „Приказни за добра ноќ на мама Ана“ за 2020 година.

Нејзините книги и раскази се преведени на српски, англиски, француски, германски, украински, албански, руски, словенечки, полски, турски, хрватски и чешки јазик.

Влезот за настанот е слободен.