Отворено инклузивно игралиште во основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Струга

Во дворот на основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Струга денеска беше отворено инклузивно игралиште, кое ќе биде место на безгрижна игра и правилен физички развој на учениците, вклучувајќи ги и децата со попреченост, информираа од Фондацијата за образовни и културни инцијативи „Чекор по чекор“.

Инклузивното игралиште е дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, кој работи на подобрување на можностите за образование на децата, вклучувајќи ги и оние со физичка, сетилна и интелектуална попреченост преку обезбедување на пристапни и стимулативни средини за учење, како и високо квалитетна прилагодена настава за учениците, додаваат тие.

„Благодарни сме што во нашата мисија за образование без бариери и сегрегација имаме поддршка и од општествено одговорни компании каква што е компанијата ОКТА. Тоа во јавноста ја испраќа важната порака, дека позитивните промени се можни кога сме вклучени сите во нивна реализација. Убедени сме дека така е можно исполнувањето на заедничката цел – училишта како безбедни средини, кои се отворени и пристапни за секое дете и посветени на квалитетно образование на децата со разновидни образовни потреби“, рече Ана Арсеновска Зафирова од „Чекор по чекор“.

Игралиштето во кое се образуваат околу 1.500 деца е изградено и со вклученост на Општина Струга. Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко рече дека тие работат на подобрување на образовните можности за сите ученици во општината, а особено со акцент на учениците со попреченост.

„Еднаквата социјална и образовна вклученост на децата во училиштата за нас е мотивација да градиме партнерски однос со бизнис секторот и невладините организации. Веруваме дека со достапна и инклузивна средина, соодветно ќе ги развиваме потенцијалите на нашите деца“, рече Мерко.

Инклузивното игралиште е изградено со поддршка на компанијата „Окта“ која претходно ја поддржа изградбата на инклузивни игралишта и во основното училиште „Лазо Ангеловски“ во скопската општина Аеродром и во општинското училиште „Кочо Рацин“ во Дојран.