„Ways2Help“ организира акција за донирање училиштен прибор за деца од социјално загрозени семејства

Платформата „Ways2Help“ од 18 до 26 август организира акција за донирање училиштен прибор за деца од социјално загрозени семејства. Тие посочуваат дека донациите може да се остават во кафулето „Среќа“ во скопската населба Аеродром во работното време на кафулето.

„Ајде повторно да допринесеме заедно. За 100-на прекрасни дечиња од 41 семејство кои имаат потреба од основни услови за учење и школски прибор. 53 од нив се на возраст од 6 до 11 години, 6 од нив се првачиња, а останатите почнуваат второ, трето, четврто и петто одделение за нив ни е потребно да обезбедиме ранче, дрвени боички, фломастери 12 бои, темперни, водени боички, гума, молив, линијар со шаблони, острилка, пластелин, табела од 100 броја по математика на картон, тетратка без линии А5 формат, блок бр. 2 за прво и второ одделение, блок бр. 3 за трето, блок бр. 4 за четврто и блок бр. 5 за петто, тетратка А5 формат 2-5 одделение по линии и квадратчиња“, се посочува во најавата за акцијата.

Дополнително, оттаму соопштија дека за останатите 47 деца, на возраст од 11 до 15 години, односно од петто до деветто одделение е потребно да се обезбедат ранче, тетратки од А4 и А5 формат, пенкала, острилки, гуми, моливи, тенкоминци, сет линијари, фломастери, шестари, блок број 5, темперни бои, водени бои, четки, палета за бои и тетратка петолиние.

Од платформата истакнаа дека листата на децата за кои се потребни донации е добиена од организацијата соработник „Вистински дела на љубезност“ која потврдува за социјалната загрозеност за секое од овие семејства.

„Заедно за еден поинаков, подобар, прв училишен ден“, порачуваат од „Ways2Help“.