#РаскажиМи: Фрагменти од збирката раскази „Глава што лебди“ на Марија Ангеловска

Овој пат во рубриката #РаскажиМи, објавуваме куси фрагменти од „Месечен циклус на соништа“, дел од збирката „Глава што лебди“ од Марија Ангеловска. Таа во 2021 година со оваа збирка победи на литературниот конкурс „Новите!“ што секоја година го организира издавачката куќа „Темплум“.

Марија Ангеловска е родена во 1994 година во Скопје. Дипломирала на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ (настава, превод и толкување).

Има учествувано и објавувано раскази на конкурси во државата, а застапена е и во „Рукописи 41“. Освен со проза се занимава и со пишување поезија. Има читано поезија на Струшките вечери на поезијата и на настанот 100 илјади поети за промена. „Глава што лебди“ е нејзина прва збирка раскази.

Во продолжение прочитајте фрагменти од „Месечен циклус на соништа“.

Февруари

Лежам и не можам да се помрднам. Телото ми е приклештено за креветот и не чувствувам ништо. Само огромен вулкан во главата што клокоти пред ерупцијата. Кожата ми поцрвенува. Чаршафот е иста боја со мојот тен. Полека почнувам да чувствувам дразби. Ме зачешува коленото. И она мало место меѓу првите два прсти на левата нога. Како нешто да ми лази по вратот. Морам да го тргнам. Не можам. Ми се кива. Не можам да ја мрднам ниту устата. Тука не се дише. Пеколно е топло. Одеднаш почнувам да се тресам. Никако да се смирам. Илјада вжарени мисли ме пецкаат долж телото. Вулканот во мене гори неподносливо. Одеднаш земам здив, еруптирам од главата и се претворам во лава што лебди над моето тело. Си гледам во очите и се смирувам. Се смалувам. Дури смешно си изгледам вака. Па јас сум само една црвена дамка и ништо повеќе. Се насмевнувам. Ми застудува. Се слевам назад во топлото тело и се покривам со ќебето.

Август

Седам во тревата, исушена од сонцето кое ме тера да подзамижам за да можам подобро да гледам. Околу мене кружи мала бела пеперутка. Ветрот ја расчешлува лавандата во близина а мирисот ми го заплискува лицето. Во далечината гледам десетина крави што мирно пасат, додека ѕвончињата околу вратот им се нишаат, со сонливи ноти. Подолу, завесата од зимзелени дрвја се отвора. Како на театарска сцена. Станувам и ѝ се приближувам. Со мала доза несигурност преминувам од другата страна кајшто ме пречекува море. Хоризонтот е толку блиску како да е насликан пред мене со четка. Се вртам налево и здогледувам девојче со костенливи очи и топчести образи како ме повикува да градиме замок од песок. Без размислување седнувам и се фаќам за работа. Се чувствувам како искусна и самоуверена архитектка. Длабоко се посветувам на кулите, ѕидините, прозорците, не обрнувајќи им внимание на брановите што во секој миг можат да го збришат моето ремек-дело. Девојчето наеднаш исчезнува. Не можам да го забележам никаде на хоризонтот. Решавам да го доградувам замокот сè додека не го слушнам гласот на мајка ми што ме вика да си одиме. Ми вели дека сонцето е премногу силно и дека дошло време за ручек. Си ги собирам кофичките и лопатките со своите мали рачиња и трчкам кон неа со подзамижани очиња.

Октомври

Во некоја непозната земја сум. Натписите на затворените локали се на јазик што не можам да го дешифрирам. Ноќ е. Одам по нерамен макадам, брзајќи да стигнам некаде. Носам тенка црна наметка и жолто фустанче чии рабови ми ги галат колената. Улиците се речиси празни. Мракот ми ги лиже голите нозе. Поминувам низ едно сокаче што води кон уличка кајшто ноќните градежни работници ги местат скелињата. Ми свиркаат. Тој звук ми пенетрира длабоко во ушите, а јас го забрзувам одот. Ниските потпетици забрзано чукаат одржувајќи ритам со отчукувањата на моето срце. Ми се оди во тоалет. Влегувам во еден празен трговски центар. Се качувам во лифтот. Од црнилото што ме следи излегуваат двајца мажи со садистички насмевки и се шмугнуваат во лифтот. Разменуваат неколку зборови на некој туѓ јазик, а јас молчам. Ме соблекуваат со поглед. Одам во тоалетот, а тие по мене. Пробувам да ја затворам вратата, но тие насилно ја туркаат. Давам отпор, но веќе се внатре. Се протнувам меѓу грубите тела и мирисот на тестостерон. Се повлекувам наназад. Темница е. Се врткам наоколу, дезориентирано. Пробувам да го вклучам светлото, но прекинувачот не функционира. Стравот ми ползи по половината. Нечии раце ме грабнуваат одзади.

Ноември

Во воз сум. Го гледам својот одраз во стаклото на прозорецот зад кој сликите постојано се менуваат, само јас останувам иста. Се сеќавам на детските магични фотоапарати кајшто можеа да се гледаат најразлични фотографии и калеидоскопи. Сликите од другата страна се менуваат сè побрзо. Зелена полјана чкрап навалени дрвја чкрап булки чкрап крави крај патот чкрап селски куќи чкрап ридови чкрап предградието чкрап куќи чкрап куќи чкрап згради чкрап згради чкрап бездомници чкрап луѓе кои насмеано мавтаат чкрап споменици чкрап згради чкрап згради чкрап… Каде да се симнам? Каде одам? Која е мојата станица? Кога се качив? Од каде доаѓам? Возот забрзува. Ќе се судри некаде или ќе излета од шините. „Која е мојата станица?!“, викам на сиот глас, но никој од патниците не ме разбира. Ја забележувам другарка ми – седи спроти мене и замислено гледа низ прозорецот. И ги поставувам истите прашања, а таа спокојно ме погледнува и смирено ми одговара како да ме теши, но на друг јазик што јас не го разбирам.

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.