#РаскажиМи & #dumainsumma: „Фотографија ме гледа“ од Анабела Ал Аббаси

Овојпат преку рубриката #ИнстаПоезија во #РаскажиМи ја објавуваме песната „Фотографија ме гледа“ од Анабела Ал Аббаси.

Песната беше напишана од учесничката на работилницата за креативно пишување за млади – „кЛИК, сЛИК – сподели кирилица“, инспириран од цртежот „хипер-реалистична слика од девојка со долга коса во локни, црвени усни и портокалови очи која ја гледа публика“ на учесничката Мелиха Трубљанин. Цртежот на Мелиха е генериран со помош на вештачка интелигенција, преку употреба на кирилски формули.

Цртежите на книжевните ликови генерирани со вештачката интелигенција и расказите напишани за нив од страна на учесничките, се собрани во големата книга „FEMZINE“ изработена од уметникот Јован Јосифовски.

Фотографија ме гледа

Дали би ме сметале за луда ако ви кажам дека фотографија ме гледа?
Во старата куќа на дедо имаше урамено една… Жена.
Не знаев ни кој е, ни што е, ни зошто, каде, како…
Ќе пробам да ја опишам,
(иако длабоко си стојам на ставот дека тој поглед е недофатлив со зборови.)

Каде да почнам?
Таа имаше мала глава, црвени усни, мал нос, виолетови очи…
Не.
Не оди вака…


Виолетови очи како темјанушка,
со поглед што ќе те фати за гуша,
насмевка остра ко на ѓавол,
верувај, ќе те врзе во јазол.

Ми велеа луда сум што се застрашувам,
ме тераа секој ден да се запрашувам:
„Ja имаат ли видено луѓево оваа слика,
дали само на мене чудно ми блика?“

Кафена коса во бранови,
ти ги буди сите стравови.
Осветлена со сончев зрак,
послушај ме, нејќеш да ја видиш в мрак.

Што ако таа навистина ме гледа?
Што ако ѝ се допаѓа како ме прави бледа?
Дали е ова само параноја?
Не, не.
Чудна е.
Како да нема боја.

На крај ја земав, ја запалив,
ни за миг не ја зажалив.
Секоја искра душа ми оспокои,
но, знаете ли таа што ми покрои..?

По кирилската формула за креирање на ВИ слика: „Хипер-реалистична слика од девојка со долга коса во локни, црвени усни и портокалови очи која ја гледа публика“ од Мелиха Трубљанин

Петочната рубрика #РаскажиМи го промовира македонскиот јазик и современата фикција преку домашни и странски автори кои пишуваат или се преведени на мајчин јазик.

Заинтересираните за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи свои дела може да пратат на info@radiomof.mk,  со куса биографија.