Радио МОФ@МОТ: „Силјан Штркот Шанца“ и „Нашето насилство и вашето насилство“

МОТ 2017 беше отворен во четвртокот (28ми септември), со три претстави: „Силјан Штркот шанца“, „Нашето насилство и вашето насилство“ и „Експеримент“. Ваквиот редослед само уште повеќе ја нагласи врската на теза, антитеза и синтеза кои овие три претстави ја имаат меѓусебе.

Ако не сте ја гледале „Силјан Штркот Шанца“, топло Ви препорачувам да го поправите овој пропуст кој ненамерно сте го направиле. Претставата е маестрално отсликување на македонската верзија на „Петар Пан“, меко патување низ магичниот свет и удобно враќање назад во топлата прегратка на детската наивност, вклучувајќи не и нас на кои одамна ни изминале едноцифрените родендени. Оваа стара македонска приказна е шармантно преслечена во модерно руво, а реакциите на најмладите посетители беа додатен доказ дека режисерот Јанаќијевиќ и целиот тим одлично си ја сработиле работата. Најголем впечаток ми остави очигледното уживање со кое актерите се претопија во своите улоги, а личен фаворит ми е трансформацијата на Нина Деан (мал „спојлер“ за љубопитните: моментот кога ќе сфатите дека една од кокошките и Силјаница се играни од истата личност е бесценет!).

Сега доаѓа делот за кој долго размислував како да го напишам без притоа да звучам претенциозно, па дојдов до заклучокот дека пред да прејдам на коментарите за содржината на претставата морам да адресирам три работи. Прво, ги имав прочитано најновите рецензии за претставата и знаев многу добро колку e контроверзна. Второ, сосема се согласувам дека обработката на современите случувања е од огромна важност во театарската уметност, но ова никако не смее да се сведе само на просто изложување на проблемите без суштина. Поради тоа, техниката на шок-театар ја поддржувам само кога по иницијалната „бомба“ следи добра разработка на поентите и идеално, некакво решение. Под број три, иако технички и актерски претставата беше супер изведена, не можам да се помирам со фактот дека истата беше направена со крајна цел за „подигнување на јавната свест“.

Земајќи го сево ова предвид, се прашувам дали не е таргет групата која (ќе) дојде на „Нашето насилство“ веќе освестена за проблемите обработувани во претставата?Овие луѓе веројатно се веќе свесни за Европската дволичност и самите имаат внатрешни морални дилеми за тоа со која страна од приказната повеќе се согласуваат. А пораката повторно не допира до оние кои навистина би требало да ја погледнат претставата.

Понатаму, зошто да се навредува својата публика дека е глува за проблемите надвор од западниот свет, како единствено мерило за нечија емпатија да е директното излегување на терен и пешачење по бегалската рута? И конечно, ако го примениме нивниот критериум, зошто шетање низ Европа по театарски фестивали со „Нашето насилство“ во која толку наивно ги плукаат оние што не мрдаат со прст, наместо оставање на актерската кариера и директно вмешување во бегалската криза? Зарем ова не е полицемерно од одењето во театар да погледнам претстава која ја обработува темата? И на крај, најголемото прашање за кое се уште не пронајдов одговор, а се појави кога ги чув последните неколку реплики од претставата: зошто наместо развивање на идејата за глобално село и универзални вредности како водилка за излез од кризата, повторно бевме соочени со максимата дека „посилниот победува“ која не враќа назад во безобразниот круг на војна и мир?

Се мислев долго дали ваквата перцепција е само мое лично доживување на претставата, но разговорите со неколкумина пријатели ми ги потврдија стравовите: сите излеговме од кино Фросина длабоко вознемирени, не поради големиот наплив на сочувство кој „Нашето насилство“ го предизвика кај нас, туку поради бесот и разочараноста насочени кон недоследноста на претставата. Што знам, можеби сме веќе толку десензитизирани за проблемите на човештвото што ниту едно вакво „шамарање“ (или со вокабуларот на претставата, силување), повеќе не допира до нас.

Јована Ѓорѓиоска