Путин му додели руско државјанство на Едвард Сноуден

Рускиот претседател, Владимир Путин, потпиша указ со кој му додели руско државјанство на американскиот свиркач Едвадр Сноуден.

39-годишниот Сноуден, кој претходно работеше во американското разузнавање, живее во Русија од 2013 година кога избегна од прогон во САД откако објави тајни документи кои открија масовни операции на прислушување во САД и меѓународно од страна на Националната агенција за безбедност.

Во 2020 година Сноуден изјави дека тој и неговата сопруга аплицирале за руско државјанство со цел да не бидат раздвоени од нивниот син во ера на пандемија и затворени граници. Русија му овозможи перманентна дозвола за престој, а со тоа и можност да добие државјанство.

„По повеќе години разделеност од нашите родители, јас и мојата сопруга немаме намера да бидеме разделени и од нашите синови. По две години чекање и скоро десет години во егзил, малку стабилност ќе биде од голема помош за нашето семејство. Се молам за приватност за нив и за сите нас“, изјави Сноуден откако неговото име се најде на листата на 72 странци на кои Путин им додели државјанство.

Указот на Путин отвори неколку дискусии на социјалните мрежи околу потенцијално регрутирање на Сноуден во руската армија во војната во Украина, како дел од националната кампања за мобилизација. Според адвокатот на Сноуден, Анатолиј Кучерена, неговиот клиент не може да биде мобилизиран бидејќи претходно не служел војска во руската армија.

Свиркачот претежно живее надвор од очите на јавноста во Русија и само повремено објавува фотографии од неговото семејство во Москва. Тој во 2019 година имаше изјавено дека би се вратил во САД доколку му се гарантира фер судење.

Сноуден, кој претходно имаше изразено критики за кршењето на човековите права во Русија, досега се нема изјаснето за руската инвазија врз Украина. Пред војната, тој неколку пати изрази сомнеж дека Русија може да започне војна.