Русија ја нападна Украина, експлозии во Киев, Харков и Одеса

Русија утрово започна воен напад врз Украина, со воздушни напади и експлозии кои се регистрирани во голем број градови низ земјата, меѓу кои и главниот град Киев, Харков и Одеса, а украинската власт прогласи воена состојба на територија на целата земја.

Нападот започна нешто пред 4 часот по полноќ, откако рускиот претседател Владимир Путин во телевизиско обраќање соопшти дека наредил да започне „специјална воена операција“ со цел да се изврши „демилитаризирација и денацификација“ на Украина.

Тој во својот говор предупреди дека било каков обид од други држави за мешање ќе води кон „последици кои досега не биле видени“.

Украинскиот претседател Волдомир Зеленски во обраќање за јавноста по нападот најави воведување воена состојба во земјата, додавајќи дека Русија ја нападнала војната инфраструктура и граничните сили. Тој ги повика украинските граѓани да останат во своите домови, додавајќи дека нивната армија е подготвена да одговори на нападите.

„Зборував со лидерите на САД, Германија, ЕУ, Полска и Велика Британија. Ги повикав итно да го спречат Путин, војната против Украина и против светот. Градење анти-Путин коалиција, моментални санкции и одбранбена и финансиска помош за Украина. Затворете го воздушниот простор. Светот мора да ја принуди Русија на мир“, напиша Зеленски на Твитер.

Украинските служби објавија и повеќе слики од експлозиите, како и снимки од граничниот премин Сенкивка помеѓу Украина и Белорусија на кои се гледа како голем број руски тенкови влегуваат во Украина.

(from Ukrainian Border Guard)

Фото: Украински гранични служби

Низ повеќе украински градови утрово се слушаа сирени кои предупредуваат на воени напади, додека светските медиуми објавија и фотографии на кои се гледаат километарски колони цивилни возила кои се обидуваат да го напуштат Киев.

(Pierre Crom/Getty Images)

Фото: Пјер Кром / Гети

Министерството за одбрана на Украина соопшти дека нивните сили се спротивставуваат достоинствено на руската офанзива и дека нанесуваат штети на нивната армија, додавајќи дека ситуацијата е под контрола.

Руската инвазија предизвика жестоки реакции од лидерите на земјите од Западот. Американскиот претседател Џо Бајден соопшти дека Русија ќе биде одговорна за смртта и деструкцијата која овие напади ќе ги донесат.

„Молитвите на целиот свет се со луѓето на Украина вечерва, кои патат од неиспровоцираниот и неправичниот напад од руските воени сили. Претседателот Путин избра смислена војна која ќе донесе катастрофални загуби на животи и човечко патење. САД и нејзините сојузници ќе одговорат на обединет и одлучен начин“, пишуваше во соопштението од Белата куќа.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг информираше дека Алијансата ќе одржи состанок утрово во кои ќе бидат одлучени следните чекори.

„Ова е бескрупулозно кршење на меѓународното право и сериозна закана за евроатланската безбедност“, напиша Столтенберг на социјалните мрежи.

Претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лајен за новинарите изјави дека вети дека Европската Унија ќе воведе нови санкции кои ќе бидат насочени да ја ослабнат руската економија и нивната можност да ја финансираат оваа војна.

„Ќе ги замрзнеме руските средства во Европската Унија и ќе го стопираме пристапот на руските банки до европските финансиски пазари. Го осудуваме овој варварски напад и циничните аргументи зад него со цел да се оправда“, рече Фон Дер Лајен.

Нападот на Русија врз Украина следува откако пред два дена руската власт призна како независни делови од источниот дел на Украина. Путин потпиша указ со кој се признаваат Доњецка народна република и Луганска народна република за независни држави, потег кој предизвика критики од Западот и покрена низа санкции кон Руската федерација.