Руски напади на големите украински градови, вклучувајќи го и Киев

Ракетни напади беа пријавени ширум Украина утрово, вклучително и во главниот град Киев, неколку дена откако Русија ја обвини Украина за напад со беспилотни летала врз нејзината црноморска флота. Советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Антон Герашченко објави дека Русите лансирале 40 крстосувачки ракети кон Украина, јавува Радио Слободна Европа.

Портпаролот на украинските воздухопловни сили Јуриј Ихнат изјави дека руските сили користеле стратешки бомбардери за нападите утринава.

Експлозии одекнаа и во Харков, Запорожје, Черкаси, Дњепропетровск, Дњепар и Лавов.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко објави дека се погодени неколку критични инфраструктурни објекти.

„Инженерите работат за да воспостават снабдување со електрична енергија откако беше оштетена електраната која обезбедува електрична енергија за околу 350.000 домаќинства во Киев. Правиме се што е можно за да ја стабилизираме ситуацијата што е можно поскоро“, рече Кличко.

Шефот на воената администрација на киевскиот регион Олексиј Кулеба изјави дека „ракетниот напад продолжува“, додавајќи дека  украинската противвоздушна одбрана е активна.

Градоначалникот на Харков, Ихор Тереков објави дека руските сили „погодиле критична инфраструктурна постројка во градот“.

Украинските власти објавија дека југоисточниот регион Запорожје исто така бил цел на руски напади кои погодиле критични енергетски објекти.