Руска новинарка убиена во бомбардирање на Киев

Руската новинарка Оксана Баулина била убиена при бомбардирање од руската армија на украинскиот главен град Киев.

Баулина известуваше од Киев и од Лавов за истражувачкиот портал „Инсајдер“, соопштија од медиумот. Таа загинала додека ги снимала штетите направени во квартот Подил, пренесе Би-Би-Си.

Баулина претходно работела за анти-корупциската организација на рускиот опозиционер Алексеј Навални и ја имаше напуштено Русија.

Минатата година оваа организација беше прогласена за нелегална и етикетирана како екстремистичка од руските власти, што принуди многу вработени да ја напуштат Русија.

Во бомбардирањето загинало уште едно лице, додека две лица биле повредени.

Истражувачкиот новинар Алексеј Коваљов оддаде почит на Баулина, нарекувајќи ја „новинар со феноменално чувство за моралност“.

Баулина е последната од пет новинари кои досега беа убиени во војната во Украина. На почетокот на месецов загина камерманот Јевгени Сакун, од украинската телевизија „Лајв“ при бомбардирање на телевизиската кула во Киев, а две недели подоцна убиен беше и новинарот и филмаџија Брент Рено. Два дена потоа загинаа и двајца новинари кои работеа за американскиот канал Фокс Њуз – Олександра Кувшинова и Пјер Закржевски, кога врз нивното возило било пукано во предградијата на Киев.