Русија обвинета за воени злосторства по масакрот во украинскиот град Буча

Повлекувањето на руската војска од околината на Киев зад себе остави ужасни докази за злосторства против цивили во населените места во предградието на украинскиот главен град.

По влегувањето на украинската војска во градот Буча, кој се наоѓа северозападно од Киев, беа пронајдени улици блокирани од изгорени руски тенкови и армиски возила, како и голем број мртви тела на цивили, кои локалните жители велат дека биле убиени од руските сили без провокација.

Новинарите од Агенцијата Франс-прес велат дека забележале најмалку 20 тела распослани на улиците низ Буча, сите во цивилна облека, додека во соседното село го нашле телото на исчезнатиот украински фотограф.

Три од мртвите тела биле најдени качени на велосипед, додека другите лежеле покрај изрешетани и уништени автомобили.

„Сите овие луѓе биле застрелани. Ова се последиците на руската окупација“, изјавил за АФП градоначалникот на Буча, Анатолиј Федорук, кој додава дека биле пронајдени дополнителни 280 мртви тела закопани во масовни гробници низ градот.

Украинските војници во Буча, кои беа дочекани со одушевување од локалното население, прикачуваше јажиња за телата и ги извлекуваше од улиците во страв дека на нив можно е да има поставено експлозиви. Војниците исто така ги расчистуваа барикадите и проверуваа сомнителни објекти, обележувајќи ги со црвени ленти остатоците кои можат да предизвикаат експлозии.

Според јавниот обвинител на Украина во околината на Киев биле најдени тела на 410 цивили. Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, овие злосторства ги нарече геноцид.

„Сакам целиот политички врв на Русија да види како се извршуваат нивните наредби. Со овие наредби тие имаат споделена одговорност. За овие убиства, за овие мачења, за раце разнесени од експлозии, за куршуми истрелани во грб или во тилот“, рече Зеленски.

„Дадов дозвола за создавање специјален правен механизам во Украина за истрага на секој злостор на окупаторите на територијата на нашата држава. Време е да направиме се` што е возможно да се осигураме воените злосторства на руската војска да бидат последна манифестација на такво зло на Земјата“, додаде украинскиот претседател.

Светските лидери ги осудија призорите од Буча, додека генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека сликите од овој град „ја покажуваат бруталноста врз цивили која не е видена во Европа со децении“.

Осуди за злосторствата испратија и лидерите на Франција, Велика Британија, Германија, Италија, Грција и Полска, додека чешкиот премиер, Петр Фјала, ги нарече сликите од Буча „застрашувачки“ и додаде дека Русија врши воени злосторства.

Германскиот канцелар, Олаф Шолц, порача дека меѓународните организации треба да добијат пристап до локациите за независно да ги документираат злосторствата, додека францускиот министер за надворешни работи, Жан Ив Ле Дриан изјави дека Франција ќе соработува со украинските власти и Меѓународниот кривичен суд со цел да се обезбеди дека овие дела нема да останат неказнети.