Меѓународниот кривичен суд отвори истрага за воени злосторства по руската инвазија врз Украина

Меѓународниот кривичен суд во Хаг отвори истрага за евентуални воени злосторства во Украина, откако Русија беше обвинета дека бомбардира цивили.

Главниот обвинител на Судот, Карим Кан, информираше дека се собираат докази за наводните воени злосторства, кривични дела против човештвото и геноцид, пренесува Би-Би-Си.

Оваа одлука доаѓа откако 39 држави го повикаа судот да отвори истрага.

Последниве неколку дена има засилено гранатирање на повеќе украински градови, меѓу кои и Киев, Харков и Херсон.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски веќе ги обвини руските власти за воени злосторства откако беа спроведени авионски бомбардирања на вториот по големина украински град, Харков, во кои загинаа повеќе цивили.

Вчера градоначалникот на Херсон изјави дека руската војска ја презело контролата врз пристанишниот град, што е прв голем украински град кој потпадна под руска контрола по почетокот на инвазијата пред една недела.

Претходно оваа недела обвинителот Кан изјави дека планираат да отворат итна истрага за настаните во Украина. Истрагата треба да утврди дали постојат докази за претходни и сегашни обвинувања за воени злосторства, кривични дела против човештвото и геноцид, и за тоа ќе се навраќа од 2013 година, пред руското анектирање на Крим кое се случи во 2014.

Меѓународниот кривичен суд води постапки за некои од најсериозните кривични дела во меѓународната заедница во случаи каде државите не можат или пак не сакаат да го прават тоа. Судот нема своја полиција и е зависна од соработката на државите за апсење на осомничените лица. Судот може да изрекува затворски и парични казни.

Владините служби од Украина информираат дека досега повеќе од 2.000 цивили загинале по почетокот на руската инвазија минатиот четврток. Оваа бројка сепак не е потврдена од независни извори.

Од УНХЦР соопштија дека досега повеќе од еден милион бегалци ја напуштиле Украина.