Амнести интернешнл ја обвини Русија за воени злосторства во Украина

Меѓународната организација за заштита на човековите права Амнести интернешнл (АИ) денеска ја обвини Русија за воени злосторства во Украина, наведувајќи дека неколку стотици цивили биле убиени во нападите на Харков, многумина од касетни бомби, јавува „Радио Слободна Европа“.

АИ наведе дека во текот на длабинската истрага, пронашла докази дека во седум напади врз делови на Харков, вториот по големина град на североистокот на Украина, руските сили користеле касетни бомби од типот Н210 и 9Н235, како и касетни мини, две категории оружја кои се забранети со меѓународни договори.

Во извештајот насловен „Секој може да умре во секое време“ се наведува дека руските сили нанеле огромна штета со постојано бомбардирање на станбени области на Харков од почетокот на инвазијата на Украина на 24 февруари.

„Луѓе се убивани во своите домови и на улиците, на игралиштата и на гробиштата, додека чекале ред за хуманитарна помош или купувале храна и лекови“, рече Донатела Ровера, истражувачка задолжена за кризи и конфликти во АИ.

Таа додаде дека тоа е „шокантна повторна употреба на широко забранетата касетна муниција“ и дека покажува „целосно занемарување на животот на цивилите“.

Иако Русија не е потписничка ниту на Конвенцијата за касетна муниција, ниту на Конвенцијата за противпешадиски мини, меѓународното хуманитарно право забранува напади и употреба на оружје, кое по својата природа, удира неселективно и претставува воено злосторство, се вели во извештајот на Амнести интерешнл.