Промовирана новата Стратегија за волонтерство во Општина Битола

Младинскиот културен центар – Битола (МКЦ) и Општина Битола вчера (30 мај) ја промовираа новата Стратегија за развој на волонтерството во општина Битола 2023 – 2026 година којашто ја усвои Советот на Општината.

„Методологијата за работа на стратешкиот документ вклучуваше формирање на работна група составена од претставници на Локалниот совет за волонтерство, локални младински организации, Црвен Крст, општинска администрација и членови на Советот на општина Битола. Се реализираа 3 работни состаноци со претходно утврдена агенда и под водство на надворешен експерт којшто имаше задача да ги земе предвид сите забелешки, предлози, сугестии од страна на членовите во работната група и да ја подготви
стратегијата. Со цел да обезбедиме поголема јавност и можност сите да се запознаат со процесот, да дадат свои мислења и предлози, се реализираа два форуми“, информираат од МКЦ Битола.

МКЦ Битола во соработка со Локалниот волонтерски совет при Општина Битола иницијативата за креирање нова стратегија за волонтерство ја започнаа во ноември минатата година.