Промоција на поетската збирка „Сега ти стануваш јас“ од Долорес Атанасова – Лори

Петтата поетска збирка на македонската поетеса Долорес Атанасова – Лори, насловена „Сега ти стануваш јас“, ќе биде промовирана на 4 август, петок, во Куќата на Уранија, Охрид.

Под издаваштво на „Чудна шума“, промоцијата која ќе започне во 20 часот ќе ја модерира Билјана Црвенковска, а промоторка на збирката ќе биде Ана Голејшка – Џикова.

„Најновиот поетски ракопис „Сега ти стануваш јас“ на поетесата Д. А. Лори, кој доаѓа по успешните поетски книги ‘Будење во трето лице еднина’, ‘Со ветрот под рака’, ‘Небо во кафез’ и ‘Ќе фатит бран’, ги интригираше читателите кои имаа можност да го посведочат создавањето на книгата преку песните кои авторката ги објавуваше на инстаграм сториња. Песните се создадени за кус временски период, под голем креативен набој. Стерната беше отворена и песните надоаѓаа како што надоаѓа вода и допираат длабоко до свеста на читателот кој гледа како песната се создава и исчезнува пред неговите очи, поради краткотрајноста на објавата, како што минува и животот; денес си, утре не си“, пишува Снежана Стојчевска, рецензент на книгата.