Промоција на книгата „88“ на српската авторка Надија Реброња

Во среда (14 јуни) е најавена промоција на книгата „88“ од српската авторка Надија Реброња. Промоцијата ќе се одржи во спомен-собата на Миладиновци ‒ „Т’га за југ“ во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, со почеток во 19 часот.

„Вообичаено, пијаното има 88 клавиши, 52 бели и 36 црни, од кои произлегуваат 88 тонови. Пијанистот по правило чита 88 ноти. Овие 88 микропрозни дела истовремено сочинуваат едно пијано и еден концерт за пијано. Секоја приказна е еден тон, но сите приказни собрани заедно, бидејќи така треба да ги читаме, чинат целина, не роман, како што би можел некој грешно да помисли, туку една прецизно обликувана музичка форма. На прв поглед, светот на Надија Реброња не е миметички, не ја опишува стварноста, не сведочи на суд. Но, како што Баховите „Голдберг-варијации“ не ја опишуваат стварноста, ниту можат да се употребат како доказ на суд, а сепак, ништо така прецизно не говори за стварноста како кога Глен Гулд мрморејќи ги свири „Голдберг-варијациите“, така и во „88“, на Надија Реброња, светот и животот се пренесени во зборови. Музиката е постојана. Чудесно, неподносливо убава книга, што секој читател ќе ја смета за своја. А вториот, црн клавиш што гласи: „ ‒ од брзиот воз можеш да видиш како возот низ прозорецот го крши светот околу нас. / ‒ потребно е да го скршиш светот за од парчињата да изградиш нов.“, за читателите ќе е конечна дефиниција за патувањето“, вели Миљенко Јерговиќ за книгата.

Организаторите посочуваат дека авторката Реброња во месец јуни е на резиденцијален престој во Скопје, организиран од издавачката куќа „Готен“, па за нејзиното учество и за активностите за време на резиденцијата со авторката ќе разговара со уредникот на „Готен“ Владимир Јанковски.

Реброња е поетеса и есеист. Докторирала книжевност на Филозофскиот факултет во Нови Сад. Предава литература и е универзитетски доцент. Нејзината поезија е преведена на англиски, на шпански, на италијански, на француски, на германски, на полски, на турски, на персиски, на македонски, на албански и на словенечки јазик. Во 2016 година на Конзерваториумот „Николо Пичини“ во Бари создадени се осум музички композиции по мотиви од нејзината поетска книга „Танц на морињата“ преведена на италијански јазик, кои беа изведени на неколку концерти во Италија, во Данска и во САД.