Промоција на поетската збирка „Прости песни“ од Александра Спасеска на Саемот на книга

Во рамки на овогодишпното издание на Самот на книга, ќе биде промовирана поетската збирка „Прости песни – на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе“, од Александра Спасеска.

Промоцијата ќе се одржи во петок, на 5 мај, со почеток во 19 часот, во Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Поетската збирка е објавена од издавачката куќа „ПНВ Публикации“, а ќе ја промовира авторката Јулијана Величковска.

Првата стихозбирка на Спасеска содржи шеесетина песни поделени во три циклуса: „Писма до неа“, „Песни за неговата песна“ и „Земање збогум“, како и поговор од Снежана Стојчевска.

Во освртот кон книгата поетесата Д. А. Лори ќе рече дека „’Прости песни‘ во себе го носи гласот на авторката Александра Спасеска, што се јавува како на сон или во мигови на длабоко, мисловно вникнување, и нѐ води низ лавиринтите на она што е таа-жената, лавиринтите на чезнеењето по другиот, таа е гласот што ја исцртува мапата на интимни патувања во себе, длабоко во нејзиниот свет.“

Додека, пак, во поговорот поетесата Снежана Стојчевска ќе истакне: „Со оваа книга Спасеска го продолжува везот на проста и строга македонска песна, ткаена од копнеж и болка и успева да изгради музеј на болката“.

Александра Спасеска (1984, Кавадарци) дипломирала на Катедрата за англиски јазик и книжевност при УКИМ. Работела во дневниот весник „Вест“ речиси до неговото згаснување, а во моментов е заменичка на главниот уредник во „Кајгана Медиа“. Таа е дел од тимот на ДИЈАЛОГ – Центар за делиберативна демократија, пишува за феминистичката платформа „Медуза“ и е со-координаторка на македонскиот огранок на организацијата „Модна револуција“. Авторка е на блогот „Александрина Везилка“.
Нејзината поезија досега била објавувана во неколку онлајн изданија, печатени антологии и книжевни списанија. Застапена е во печатеното издание на книжевниот зборник „Д Сан Антонио Ривју“ (The San Antonio Review) од Сан Антонио, Тексас (САД). Учествувала на повеќе поетски читања.