„Отскочна даска“ – натпреварувачко поетско читање и предвесник на Скопски поетски фестивал

Организацијата на Скопски поетски фестивал (СПФ) што оваа година по втор пат ќе се одржи од 29 август до 1 септември, во пресрет на фестивалот го најавува натпреварувачкиот настан „Отскочна даска“, односно поетско читање наменето за млади поети.

Поетското читање со натпреварувачки карактер има за цел, како што се вели во најавата, да ги собере сите млади, надежни, познати или помалку познати поети и поетеси на возраст од 16 до 25 години.

„Ние ќе ги избереме учесниците, а тие ќе си го одберат победникот што ќе отскокне до отворањето на второто издание на СПФ, на 30 септември во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, и ќе чита заедно со другите учесници на фестивалот“, пишува во описот за настанот.

Организаторите наведуваат дека сите заинтересирани за учество на „Отскочна даска“ треба да испратат две нивни песни на е-адресата: contact@spf.mk најдоцна до 10 август.

Имињата на одбраните натпреварувачи ќе бидат објавени на официјалните Фејсбук и Инстаграм страници на фестивалот, а читањето ќе се одржи во кафе книжарницата „Буква“ на 29 август, со почеток од 20 часот.

Фестивалот се реализира во поддршка на град Скопје, кафе-книжарница „Буква“ и Младинскиот културен центар ‒ Скопје.