Втора Поетска епизода во „Буква“

Неформалната младинска организација за култура и уметност „Култура Бета“ ја организира втората Поетска епизода, која ќе се одржи во петок, 4 ноември во кафе-книжарницата „Буква“.

Со почеток од 21 часот, а под модераторство на младите поети Андреј Медиќ Лазаревски и Ивана Јовановска, во „Буква“ ќе се претстават седум поети со своја авторска поезија.

Овојпат, свои стихови ќе читаат Марија Ангеловска, Викторија Ангеловска, Јулијана Величковска, Ана Голејшка Џикова, Макрина Јорданова, Иван Николов и Моника Стојановска.

Поетска епизода #2 е продолжување на низата поетски читања кои се предвидени да се одржат.

„Целта на концептот е да се направи нов, отворен и флуиден простор во кој, првенствено, младите поети ќе имаат можност конечно да се отворат, ослободат и да ја промовираат својата поезија, но и на поискусните да ги промовираат своите нови поетски дела, а понатаму да се создаде можност и за играње со поетски форми, читање на препеви и преводи, создавање омажи и книжевни портрети, а кај публиката да се развие поголем интерес за поезијата“, објаснуваат организаторите.