Промоција на книгата „Чичко маестро Џамбазов – во светот на децата“

Збирката песни „Чичко маестро Џамбазов – во светот на децата“ од Александар Џамбазов ќе биде промовирана утре (3 февруари) во Дебар Маало, на улица „Орце Николов“.

Публикацијата е во авторство ма музичките публицисти Бранка Костиќ-Марковиќ (автор на воведниот текст) и Марко Коловски (автор на нотографиите). Изборот опфаќа 52 песни за деца од предучилишна возраст и е направен од на маестро Александар Џамбазов за време на неговиот живот.

„Насловот на збирката не е случаен. Сите „славејчиња“, поранешни солисти на познатиот фестивал на детска песна „Златно славејче“ и хористите на детскиот хор „Развигорче“, го нарекуваа својот диригент Александар Џамбазов, кој ги водеше низ живата фестивалска изведба, „Чичко маестро Џамбаз“. А тој возвратно, на шега, ги нарекуваше „златни гавранчиња“. Песните издвоени во оваа збирка денеска претставуваат своевидни детски евергрини за сите генерации, а авторскиот тим и издавачот ценат дека изданието ќе биде и одлично дидактичко средство и извор на квалитетен дополнителен материјал за денешните одделенски и предметни наставници во реализирањето на наставата по музичко образование, но и на секој истражувач и љубител на детската песна, вклучувајќи ги и децата“, се вели во најавата за промоцијата.

Оваа промоција ќе биде дел од еден поголем настан, „За Маестрото“, кој е во организација на синот Игор Џамбазов и Општина Центар, по повод сеќавање на животот и делото на композиторот, токму на денот на неговиот роденден, 3 февруари.

На самиот настан ќе биде откриен и муралот со ликот на Александар Џамбазов, во срцето на Дебар Маало.

„За таа цел е подготвена и мала музичка програма во која заедно со дел од поранешните ‘Златни славејчиња’ и ‘Развигорчиња’ под диригентство на Запро Запров, ќе ‘оживееме’ четири детски евергрини, кои се вброени во изборот на нотографии во книгата. Тоа се безвременските песни на нашето детство, на детставата на многу генерации, ‘Песна за Скопје’ (‘Градот убав’), ‘За сите деца’, ‘Мојата учителка’ и ‘Еј, гулаби, гулаби бели’, за чија изведба специјално од Битола ќе допатува оригиналното ‘Златно славејче’ од 1972 година, Билјана Дамјановска Јанчевска“, се вели во соопштението.

Книгата е достапна во сите поголеми книжарници како и онлајн на literatura.mk.