Промоција на книгата „Градот и идентитетот – филмски репрезентации“ од Елена Копртла

Книгата „Градот и идентитетот – филмски репрезентации“ од авторката Елена Копртла ќе биде промовирана на 6 април, четврток, во локалот „Бруталиск“.

Со почеток во 18 и 30 часот, промоцијата на делото во издание на издавачката куќа „Чудна Шума“, ќе ја водат Ивана Васева и Влатко Галевски.

Од издавачката куќа велат дека целта на оваа книга е да поттикне историско разбирање на филмските интерпретации на градот и идентитетот на градските средини.

„Анализата на филмскиот град ги обединува историјата на уметноста, архитектурата, антропологијата, урбаните и социолошките студии, а филмскиот пејзаж се протега далеку зад екранот, за да се преиспита како преку своите пејзажи го прераскажуваме својот идентитет и како го дефинираме својот опсег во глобалната филмска заедница“, истакнуваат оттаму.

Од „Чудна шума“ објаснуваат дека  зголемениот интерес за просторно-идентитетските феномени ќе придонесе за интересот за урбанитетот и во македонската кинематографија, каде што урбаното најчесто е препознаено и анализирано како спротивност на руралното и фолклорното.