Претставите „My Name is Medeja“ и „Чудна случка со кучето во ноќта“ добија по пет награди на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“

Претставата „My Name is Medeja“ на Народниот театар од Битола ја доби наградата за уметничко остварување во целина на 57. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Меѓународното жири во состав на Јанко Љумовиќ од Црна Гора како претседател и Милош Љумовиќ и Мирослав Мики Радоњиќ, членови доделија 15 награди, а не се додели наградата за текст.

Претставата „My Name is Medeja“ освен наградата за уметничко остварување во целина ги доби и наградата за најдобра режија, за Себастијан Хорват, наградата за рекламен материјал за Сашо Илковски, награда за музика на Драго Ивануша и награда за главна женска улога за Илина Чоревска.

„Чудна случка со кучето во ноќта“ во режија на Зоја Бузалковска ја доби наградата за главна машка улога за Дамјан Цветновски, наградата за кореографија и сценски движења за Симон Симоновски, награда за костимографија на Елена Вангеловска и Раде Василев, награда за сценографија за Константин Трпеноски, и награда за најдобра женска епизодна улога за Емилија Мицевска.

Претседателот на жирито Љумовиќ истакна дека пиесите „My Name is Medeja“ и „Чудна случка со кучето во ноќта“ се издвојуваа по својата естетика и по истражувачкиот театар, а жирито е согласно дека актерската игра била најдоброто во сите претстави.

„Естетските и уметничките квалитети на претставата на Битолскиот театар, и ставот на режисерот Хорват кој влегува во проблемите на современоста се нешто импресивно кои ја означуваат мисијата на театарот денес. Денешниот театар ја промислува современоста преку стварноста. Очигледно има две претстави кои се издвојуваат. Тие претстави покажуваат високо постигнат уметнички резултат, ансамблите исклучително го изнесоа режисерскиот концепт“, изјави Љумовиќ.

Наградените актери Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска во „Чудна случка со кучето во ноќта“

Наградата за современа сценска драматизација ѝ припадна на Лидија Митоска-Ѓоргиевска за „Мистерија Буфо“

Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби Хакан Даци за улогата на Катуриан во претставата „Човек перница“ во изведба на Турскиот театар од Скопје, копродукција со „Машина продакшн“ и „Пик продукција“. За истата претстава, за улогата на Микаил, актерот Дин Ибрахим ја доби наградата за најдобра машка епизодна улога, додека наградата за млада актерка ја доби Матеа Јанковска за Роња во „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театар за деца и младинци од Скопје.

Наградите ќе им бидат врачени на лауреатите вечерва во 20 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, а во нивна чест, Српското народно позориште од Нови Сад ќе ја изведе претставата „Последниот балкански вампир“ од Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски.