Оваа година 19 претстави ќе се претстават на театарскиот фестивал МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Здружени под концептот „Театар: радоста на играта или пркосот на креацијата“, програмата на овогодинешното, 57 издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, ќе претстави девет претстави во официјална, седум од независна продукција, две од придружна програма и една дипломска претстава.

Програмата денеска во Прилеп ја соопшти Ана Стојаноска, директорка и селекторка на фестивалот, кој годинава се одржува од 9 до 16 јуни под мотото „Враќање дома“.

Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Инферно“ на Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, која е селектирана во официјалната програма. Народно позориште од Белград ќе го затвори фестивалот на 16 јуни со претставата „Последниот балкански вампир“ по текст на Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски.

Оваа година МТФ „Војдан Чернодрински“ ќе биде составен од Официјална селекција, ОФФ актива, Независна продукција што игра македонски автори и Видеопрограма.

„Понудената слика низ македонските театарски институции покажа неколку важни елементи со кои се соочува денес театарот кај нас. Сликата не е унисона, ниту покажува дека постои сериозна стратегија што треба да е денес театарски идентитет. Најпоразително е тоа што нема интерес за поставување домашни драми. Предизвикот да се селектира програмата за ова издание на фестивалот беше огромен, затоа што сметав дека на најстариот и најзначајниот македонски театарски фестивал треба да се покаже денешната актуелна театарска практика низ еден сериозен концепт. Концепт што ќе ни покаже каде сме и до каде сме и концепт кој треба да нѐ замисли и сериозно да ја наметне потребата да создаваме подобар театар“, истакнува селекторката Стојаноска.

Во официјалната програма на фестивалот ќе бидат прикажани претставите „Чудна случка со кучето во ноќта“ во режија на Зоја Бузалковска, „Бесачи“ во режија на Јавор Грдев, „Инферно“ во режија на Дејан Пројковски, „Мистерија Буфо“ во режија на Андреј Цветановски, „Мy name is Medeјa“ во режија на Себастијан Хорват, „Три сестри“ во режија на Кендрим Ријани, „Несфатената цивилизација“ во режија на Софија Ристовска, „Роња, ќерката на ограбувачот“ во режија на Јакуб Максимов и „Женска гардероба“ во режија на Наташа Поплавска.

Во придружната програма ќе се изведат претставите „Човек перница“ во режија на Сибел Абдиу и „Циркус Пирандело“ според драми од Луиџи Пирандело.

Преку програмата за независна продукција што игра домашни автори ќе се претстават изведбите „Елегија во пет здива“, автор и режисер Филип Петковски, „Заминувања“ – колективно авторство, режија на Драгана Гунин, „Срам“ од Ангела Стојановска, режија на Милош Б. Андоновски, „Скопјани“ според раскази на Оливера Ќорверзировска и колективно авторство на актерската екипа, режија на Милош Б. Андоновски, „Глум(и)ци“ колективно авторство и режија, продукција на „Артопија“ „Подготвено“ според поезија и проза на Ѓоко Здравески, раскази на Елизабета Баковска, поезија на Блаже Конески и адаптација на сцена од „Трите високи жени“ од Едвард Олби, режија на Дејан Спасовиќ и „Are you crazy? (Улаф сте?)“ автор и режисер Јован Ристовски.

„Сметам дека главните создавачи на македонската театарска практика треба повеќе да се фокусираат на домашните драми, на актуелната театарска естетика и пред сѐ, секој режисер и директор на театар да го има предвид ансамблот со кој ја создава претставата. Од избраните претстави евидентно е дека недостига претстава работена според драма на македонски автор. За жал, тековната продукција понуди малку претстави од македонска драма, но затоа како уметнички директор го иницирав откупот на драми од македонски автори и повикот за претстави од независната продукција што игра македонски автори“, додава Стојановска.

Годинава, Наградата за животно дело што се доделува во рамки на фестивалот ќе им биде доделена на актерите Петар Темелковски и Петар Мирчевски.

Стојаноска исто така ја најави програмата „Автор во фокус“, што прв пат се воведува на фестивалот. Годинава тоа ќе биде Коле Чашуле (1921-2009), драмски автор, писател, есеист и општествен деец.