Во организација на здружението за субкултура „ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ“, од четврток до недела (25-27 август) на летната сцена од Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе се одржи 11-то издание на фестивалот „Прилеп џез викенд“.
Организаторите најавуваат дека фестивалот и овој пат ќе понуди програма со повеќе концерти и перформанси, со што ветува доживување на ново и незаборавно искуство на сите љубители на добрата музика.
„Во своето издание за оваа година е испланирана следната програма: Фестивалот ќе го отвори експерименталното џез-фјужн трио од Скопје 3JECT, а после нив ќе настапат гостите од Бугарија МЕТАФОРМОЗА, предводени од Росен Захариев еден од најдобрите трубачи во Европа, од кои се очекува импровизација на сцената и еден уникатен проект пред Прилепската публика“, велат од здружението.
Втората вечер пак, ќе започне со настапот на пијанистот, аранжер и композитор на џез музика Гордан Спасовски, кој има големо искуство и настапи на Европските џез фестивали и престижни џез клубови, а кој на публиката ќе и го презентира албумот „Light Pillar “ и композиции од новиот материјал.
„Фактот што дел од триото се Виктор Филиповски и Кирил Туфекџиевски кои се дел од ‘All Stars’ тимот на млади македонски џезери ни дава за право да очекуваме концерт што не смее да се пропушти. За бендот чиј албум ‘A Wave Returns to the Ocean’ е вброен во листата на најдобри светски џез албуми има многу да се каже. Светлост е музички колектив основан во 2014 година од Нинослав Спировски, Дени Омерагиќ и Кристијан Новковски. Пред две години имавме можност во Прилеп да ги гледаме како трио, а оваа година ќе ја имаме таа среќа да ги проследиме појачани со проширениот ансамбл Odron Ritual Orchestra. Публиката ќе има можност да се радува на фри џез звуците зачинети со ворлд мјузик“, додаваат од „ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ“.
Последниот ден од фестивалот ќе се одржи концерт на квартетот на тапанарот и композитор Александар Цветковиќ Драма кои ќе се претстават со нивниот втор албум „Mindset“ објавен пред речиси еден месец.
„Бендот кој го сочинуват артисти од врвната српска џез сцена ќе не почести со фузија на звуци од традиционален џез, фјужн, рок и модерен џез“, најавуваат од здружението.
„Предводена и формирана од берлинскиот саксофонист и композитор Гргур Савиќ, ‘Vortex Four’ е акустична група од четири божествени музички луѓе кои ги изведуваат напишаните оригинални композиции, ја прифаќаат слободата, мелодичната моќ, хармонична радост и дух, ангажирајќи ја емпатијата и сочувството за луѓето и општеството. ‘Vortex Four’ е квартет со двајца дувачи, без електрични инструменти, што произведува неверојатна количина на енергија, емоции и свежи идеи“, додаваат тие.
Од „ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ“ велат дека во „оф-програмата“ се предвидени концерти на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука, како и во старата прилепска чаршија.
Па така, утре (24 август) ќе се одржи концерт на „Љубојна“ во старата прилепска чаршија, потоа на 28 август следува концерт на „Next to Silence“ во кафе-барот „ONYX“, а на 28 август ќе се одржи и музички перформанс „Кој тоа чука на Брбјанска Чука?“ на перкусионистот Гоце Наумов на локалитетот Врбјанска Чука.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и Општина Прилеп. Влезници за „Прилеп џез викенд“ може да се купат на плоштадот во „Сити тобако“.